Capture

Телефоните на преклоп беа во мода кај нас пред скоро цела деценија, но денес скоро и да не може да најдете таков во продавниците. Сепак, тоа не ги спречува Samsung да ни ги будат ретро чувствата – нивната Folder серија на паметни телефони се преклопува како мобилните телефони од порано, а има доста солидни спецификации.

Folder 2 сѐ уште не е претставен – ова се протечени фотографии, но и тие се доволни за да ги дознаеме неговите главни карактеристики. Изгледот е мошне ретро – долната тастатура со копчињата за навигација над неа потсетуваат на тоа како ги користевме телефоните во минатото, иако дисплејот со големина од 3,8 инчи е доста поголем од тие на античките претходници.

Од друга страна, ова е мал дисплеј во денешниот свет, но е веројатно доволен за повремено постирање и читање на социјалните мрежи. Во внатрешноста, Folder 2 е опремен со Qualcomm процесор (не е прецизирано кој) со 2 GB рам меморија. Батеријата има капацитет од 2.000 mAh, што треба да е доволно за толку мал дисплеј, додека камерите имаат 8 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред. Вградениот софтвер е Android Marshmallow 6.0.1.

Цената на Galaxy Folder 2 ќе изнесува 250 долари, но за жал тој ќе биде достапен само во Кина. Samsung, ако го читате ова, сакаме и ние ваков телефон кај нас!

Извор: The Verge, GSM Arena, Sammobile

Претходна статијаBLU Pure XR е достапен смартфон со високи спецификации и 3D Touch
Следна статијаNuTonomy први со автономни возила, во Сингапур