Претходните неколку години, корејскиот LG имаше прилично чудни смартфони во високата класа. Лани, направија „модуларен“ смартфон на кој мораше да му се отстрани батеријата за да се смени некој модул, а претходно нивните модели беа изработени од пластика и LG дури и експериментираше со материјал кој сам ги покрива гребаниците. Купувачите дефинитивно не го сакаа тоа.

Она што го сакаат е одлично изработен телефон, со врвни перформанси, одлично софтвер искуство и најдобра можна камера. И за прв пат во историјата на “G” моделите на LG, се чини дека тие целосно го испорачуваат тоа. Освен ако не ви пречи што во него се вградува Snapdragon 821.

Да, поради тоа што Samsung има специјален договор со Samsung за набавка на Snapdragon 835, во LG се вградува постариот процесор. Но, тоа не треба воопшто да ве одврати од купувањето на овој смартфон. Разликите во перформанси ќе бидат доволно мали за да не можете да ги забележите, а кои и придобивки да ги има 835-ката во штедењето на струја се покриени со прилично големата батерија од 3.300 mAh.

Кога го покривме тоа горливо прашање, време е да зборуваме за главните адути на G6. Прво, дисплејот. Се работи за екран со сооднос на страните од 2:1, односно 18:9 за подобра споредба со класичниот 16:9, што значи дека тој е повисок и потесен. Според LG ова го олеснува користењето со една рака, но според мене и го прави смартфонот поелегантен.

И не само тоа – неговите спецификации се страшни. Има резолуција од 2880х1440 пиксели и поддршка за HDR видео распределени на 5,7 инчи големина во дијагонала, што значи дека ќе биде одличен за гледање на холивудските хитови, особено што тие се снимени во таков сооднос на страните (и дури и потесен). Исто така, високиот дисплеј овозможува и користење на целата големина на апликациите, без тие да бидат попречени од Android копчињата за навигација.

Дисплејот е опкружен со многу мала рамка и е заоблен на краевите. Според LG, тоа е направено со цел да биде отпорен на паѓања и сето тоа има смисла, бидејќи работ во стаклото во тој случај е подалеку од местото каде ќе се случи ударот, а заоблениот дел и подобро ја распределува силата. Покрај тоа, G6 има и IP68 отпорност на вода и прашина, што значи дека може и да се избањате со него без да го оштетите.

Камерите се исто така импресивни. Назад се вградени камера со стандарден агол и супер широк агол, исто како и во LG G5, но со едно важно подобрување – сега и широката камера го добива истиот сензор со 13 мегапиксели. Единствената разлика  е што стандардната камера има побрза f/1.8 бленда и оптичка стабилизација, додека пошироката има f/2.4 бленда и нема стабилизација. Сепак, фотографите знаат дека кај поширока леќа тоа и не е толкав проблем. Предната камера пак има 5 мегапиксели, што е малку под просекот во класата, додека леќата има бленда со f/2.2 отвор.

Едно од поважните подобрувања во G6, кое ретко се спомнува е софтверот. LG UX6.0 UI, базиран на Android Nougat 7.0 е изгледа многу подобро од порано и според LG ќе биде исклучително стабилен. Всушност, тие особено се погрижиле да биде брз и стабилен. Исто така, ова е првиот смартфон кој не е од Google а кој има Google Assistant.

Интересно, LG се одлучи да вгради 3,5 mm излез за слушалки, но само моделот за Јужна Кореја ќе има аудиофилски засилувач како од моделот V20, додека само американскиот модел ќе има безжично полнење. Да, ова значи дека европските купувачи ќе го добијат најслабиот модел, за жал.

Најновиот знаменосец на LG ќе биде исклучиво достапен со 4 GB рам меморија и 32 или 64 GB простор. Во него ќе може да се вгради и micro SD картичка, но нема да може да се смени батеријата како кај претходниците.

Причината е новото тело целосно изработено од алуминиум, коа изгледа многу подобро од своите претходници, а воедно изгледа и почисто во задниот дел од скоро секој конкурент, благодарение на тоа што камерите не се испакнати над телото (иако телефонот е прилично дебел со 7,9 mm).

LG засега не ни даде информација за цената на G6, но очекувам да е поевтин од главните конкуренти од Apple и Samsung, поточно Galaxy S7 Edge и iPhone 7 Plus.

Извор: Engadget, Tech Radar, Android Authority

Претходна статијаNokia 3310 се врати – ретро шармот е освежен со неколку модерни елементи
Следна статијаSamsung Galaxy S8 ќе биде официјално претставен на 29-ти март во Њујорк