Веројатно најимпресивниот телефон лансиран годинава, а кој не е од некој етаблиран производител – Essential Phone, конечно ќе почне да се испорачува на купувачите. Да потсетам, смартфонот беше претставен пред неколку месеци и предизвика лавина на позитивни реакции за неговиот дизајн, можноста за поставување на модуларни додатоци, како и тоа што има чиста верзија на Android која овозможува брзи надградби на понови верзии, како и подобри перформанси.

Сепак, од неговото претставување, па се до првите испорачани уреди помина премногу време – многумина дури мислеа дека Essential Phone никогаш нема да пристигне на пазарот. Но, ветувањето на неговиот создател, Енди Рубин (исто така креатор и на Android оперативниот систем) се исполни и сега купувачите ќе имаат можност наскоро да го имаат и во своите раце.

Самиот смартфон инаку има супер интересен дизајн со многу мала рамка околу дисплејот и изработка од титаниум и керамика, како и недостаток на какво и да било лого, што го прави да изгледа вистински минималистички и чисто.

Цената на Essential Phone не е ниска и изнесува 699 долари, односно 749 долари заедно со дополнителна камера за снимање на виртуелно 360 степени видео. Но, со оглед на перформансите кои ги нуди – доаѓа со Snapdragon 835 и супериорен дисплеј со сооднос на страните од 19:10 и резолуција од 2560 x 1312 пиксели, цената се чини и не е премногу висока, особено што, ќе повторам, дизајнот е како од иднината.

За ваков дизајн кај iPhone 8 наскоро планирајте да потрошите и преку 1.000 долари, што прави Essential Phone да изгледа и како прилично добра зделка.

Извор: TechCrunch, BGR, The Verge

Претходна статијаПопуларниот Volkswagen од 60тите добива свој наследник во 2022
Следна статијаЕлон Маск бара од ОН да го забрани развојот на автономни борбени системи