Годинава, после неколку години чекање, Apple конечно направи вистинска надградба на iPhone со новиот модел наречен “X” (десет), кој има многу мала рамка и мноштво нови технологии. Сепак, тој телефон сѐ уште не е достапен на пазарот, а додека купувачите чекаат, Apple ги претстави iPhone 8 и iPhone 8 Plus, смартфони кои однадвор скоро и да не се разликуваат од нивните претходници и кои иако имаат неколку новитети, не поминуваат толку добро кај купувачите како нивните претходници.

Дополнителен удар на неуспехот на iPhone 8 и iPhone 8 Plus на пазарот сега направи и Consumer Reports, независна компанија која тестира најразлични производи, од смартфони до автомобили, со цел да оцени кој е најдобар за купувачите. Големото изненадување кај смартфоните на последното истражување е што тие ги препорачуваат Galaxy S7 и S7 Edge, модели на Samsung од пред повеќе од една и пол година, пред новите iPhone 8 и iPhone 8 Plus.

Поточно, на тестирањата на Consumer Reports, новите модели на Apple имаат финален скор од 80 поени, додека Galaxy S7 и S7 Edge исто така имаат 80 поени, но независно од тоа, финалната препорака е за смартфоните на корејскиот производител поради подобрите можности за телефонирање и подолгото траење на батеријата. Воедно, пред моделите на Apple се и Galaxy S8, S8+ и Note 8, кои имаат 81 поен. Само уште еден смартфон заврши со 80 поени – LG G6, кој интересно и не помина најдобро кај купувачите, но денес може да се купи по исклучително ниски цени.

Како и да е, овие испитувања не ги земајте како дефинитивни. Секој купувач има различни потреби и побарувања и дефинитивно треба да го одбере својот нов смартфон според нив, а не според заклучок од некоја компанија. Јас би рекол дека каков и смартфон од високата класа да одберете денес, нема да бидете разочарани – денес скоро и да нема лош премиум смартфон.

Извор: Tom’s Guide, Value Walk, BGR

Претходна статијаSnapdragon 636 донесува поддршка за 18:9 екрани во средната класа
Следна статијаMicrosoft: Windows 10 лаптопите со ARM процесор ќе имаат значително подолго траење на батеријата