Веќе неколку пати спомнавме дека скоро и да нема нешто што не знаеме за новите смартфони од високата класа на Samsung, но за последен пат пред официјалното претставување, добро е да повториме што не очекува.

Сега ја имаме целосната листа на спецификации и за двата модели, која укажува на тоа дека овие смартфони ќе бидат вистински хит кај публиката. Разликите меѓу S8 и S8 Plus нема да бидат големи, освен нормално во големината на дисплејот и батеријата.

Имено, основниот модел ќе има 5,8 инчен дисплеј со резолуција од 2960х1440 пиксели, додека поголемиот Plus модел ќе има 6,2 инчен модел со истата резолуција. Нормално и двата екрани ќе биде Super AMOLED од најновата генерација, со “Edge” краеви и заобленост на аглите.

Батериите пак ќе имаат 3.000, односно 3.500 mAh, што се чини како малку со оглед на големите екрани, но останува да видиме какви оптимизации има направено Samsung на Exynos 8895 и Snapdragon 835 чиповите (сега потврдени и од бенчмарк мерења), кои ќе се вградуваат во телефонот зависно од регионот. Кај нас најверојатно ќе ја добиеме Exynos варијантата.

Моќните процесори ќе бидат помогнати од 4 GB рам меморија и 64 GB простор, со можност за проширување преку micro SD. Камерата назад пак ќе има 12 мегапиксели и супер брза бленда од f/1.7. Сензорот е најверојатно целосно нов од Sony. Предната камера пак има 8 мегапиксели и автофокус, што е ретко случај.

Двата модели ќе бидат опремени со Android Nougat 7.0, нормално со дополнителен Samsung Experience скин. Цените нема да бидат толку страшни како што се очекуваше – S8 ќе чини 799, додека S8 Plus ќе чини 899 евра. Ова е дефинитивно конкурентно со оглед на поголемите дисплеи и големиот број на подобрувања и иновации во однос на актуелните S7 модели.

И нормално, како и секоја нова информација досега и оваа е придружена со фотографии, овој пат веројатно фабрички од Samsung.

Извор: Techno Buffalo, Uswitch, BGR

Претходна статијаFacebook Messenger ќе „згасне“ за корисниците на некои паметни уреди
Следна статијаБесплатна апликација за корисниците на Android секоја недела