bq-m10

Една од најинтересните можности коишто ќе бидат карактеристика на уредите во иднина е нивната можност да се користат како повеќе видови на уреди. Поточно, мобилниот уред или таблет со поврзување на поголем екран и додавање на маус и тастатура, ќе може да се користи како десктоп компјутер.

Напредокот во технологијата секако ова ќе го направи возможно со тек на време, а денеска ги гледаме првите вакви уреди коишто ни покажуваат што може да очекуваме.

Иако се веруваше дека први на пазарот ќе бидат Canonical со нивниот Ubuntu оперативен систем, сепак поради редовното одложување на можноста, тоа место го зема Microsoft со нивниот Continuum режим во Windows 10.

Истиот режим на работа во Ubuntu е наречен Convergence и според информациите на OMGUbuntu, конечно ќе видиме ваков уред идниот месец на MWC 2016 во Барселона.

BQ ќе биде производителот којшто ќе претстави нов Ubuntu таблет компјутер. Овој таблет ќе ја вклучува Convergence функцијата, па корисниците со поврзување на уредот со поголем екран и вклучување на маус и тастатура, ќе добијат целосно десктоп искуство.

Доколку немате читано за Convergence или Continuum режимот на работа, да потсетиме. Овој режим го прилагодува корисничкиот интерфејс во зависност од екранот на којшто е поврзан. Изгледот на интерфејсот на оперативниот систем изгледа соодветно на уредот, односно големината на екранот, па така додека корисникот го користи на мобилен уред, тој ќе биде прилагоден за него.

Со поврзување на поголем екран, корисничкиот интерфејс добива изглед соодветен за оперативниот систем на десктоп компјутерите, па корисниците со додавање на маус и тастатура може да работат исто како на својот десктоп компјутер.

Се разбира, двете компании коишто моментално нудат или ќе нудат ваква можност, имаат одредени разлики во начинот на имплементација.

Извор: OMGUbuntu, Engadget

Претходна статијаAMD Zen процесорите ќе пристигнат на крајот од годинава и конечно ќе бидат конкурентни на Intel?
Следна статија5 фантастични филмови кои морате да ги изгледате (дел 1)
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.