https---blueprint-api-production.s3.amazonaws.com-uploads-card-image-136532-Blu_Energy_XL

Американската компанија која е пред се насочена кон производство на поевтини паметни телефони, два од кои веќе имавме можност да ги пробаме, лансира нов модел кој има масивна батерија, огромен екран и прилично ниска цена со оглед на понудените перформанси и спецификации.

Изработката на BLU Energy XL е пластична, со метална рамка од страните, додека предниот дисплеј е делумно „закривен“ што го дополнува премиум чувството. Но, тоа не се главните адути на овој огромен 6 инчен телефон. Напротив, тоа е батеријата со огромен капацитет од 5.020 mAh, која според BLU овозможува користење од 3 дена со едно полнење. Ова делува импресивно, иако според сопствено искуство би рекол дека со потешко користење може да се извадат максимум два дена.

https---blueprint-api-production.s3.amazonaws.com-uploads-card-image-136534-Blu

Огромниот дисплеј со големина од 6 инчи е AMOLED технологија, што значи дека ако користите темна (црна) позадина може да извадите уште по некој час од траењето на батеријата, додека резолуцијата е Full HD што е респектабилно со оглед на класата. Процесорот е MediaTek 6753 со осум јадра на 1,3 GHz, помогнат од 3 GB рам и 64 GB простор со слот за micro SD. Не очекувајте којзнае колкава брзина од оваа конфигурација, но за стандардно секојдневно користење процесорот би требал да биде доволно добар.

Камерите се исто така солидни – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 5 мегапиксели. Назад е вграден и читач за отпечатоци на прстите, додека вградениот полнач поддржува и брзо полнење преку USB Type-C приклучокот, што е веројатно и неопходно за толку голема батерија.

Screen_Shot_2016-07-06_at_11.03.36_AM

Цената на BLU Energy XL е уште еден голем адут – 299 долари за целосно отклучен телефон кој работи на сите мрежи, со 6 инчен дисплеј и солидни перформанси и реално не е многу, особено што првите импресии од телефоните на овој производител ни беа многу позитивни.

Единствен поголем недостаток кој го забележав кај овој модел? Тоа што доаѓа со вграден Android Lollipop и покрај тоа што Marshmallow е достапен веќе од поодамна.

Извор: The Verge, Mashable, BLU

Претходна статијаФДА одобри ново, целно лекување на рак на мочниот меур со третман од „Рош“
Следна статијаHuawei официјално го претстави Honor 8, телефон од високата класа за оние со поплиток џеб