Android смартфоните со хардверска тастатура денес можат да се избројат на прсти. Всушност, ако добро ме служи сеќавањето, само BlackBerry има вакви модели на пазарот. На MWC тие (поточно TCL, кој сега го врши производството) претставија нов модел кој ќе ја продолжи таа традиција и чии главни адути се тастатурата и безбедниот софтвер.

Самиот телефон не е особено импресивен ако се гледаат само спецификациите. Процесорот е Snapdragon 625, чија главна одлика не се перформансите, туку штедливоста на енергија. Затоа пак заедно со батеријата од 3.505 mAh, тој би требал да овозможи прилично долго траење со едно полнење, особено што дисплејот има големина од 4,5 инчи и резолуција од 1620х1080 пиксели.

BlackBerry KEYone (претходно познат како Mercury) е опремен со 3 GB рам меморија, што треба да помогне во мазен мултитаскинг, како и со 32 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка. Задната камера има сензор од Sony со 12 мегапиксели и брза f/2.0 бленда, додека предната камера има 8 мегапиксели.

Сепак, спецификациите се само половина од приказната за BlackBerry KEYone. Овој смартфон е изработен од алуминиум, но има гумен заден дел со цел да не се лизга од раката, односно да може лесно да го држите со една рака без да се плашите дека ќе ви падне. Искрено, се чудам зошто повеќе производители не се одлучат на ваков потег или пак немаат избор на ваков материјал, наместо бесконечно многу бои.

Работата со една рака е пренесена и во тастатурата, која лесно може да се користи само со мускулната меморија бидејќи има добро дефинирани хардверски копчиња, но и како тачпад. Да, со лизгање на прстите на тастатурата може да го поместите курсорот на текстот во горниот дел или пак да скролате цели страни. Без грижи, дисплејот во горниот дел поддржува допир.

Исто така, со притискање на само едно копче може директно да лансирате некои апликации, како на пример “Y” за YouTube, “F” за Facebook и “G” за Gmail. Овие кратенки корисникот ќе може лесно да ги персонализира за тие да лансираат апликации по негова желба.

Покрај оптимизираниот дизајн за користење со една рака, BlackBerry во KEYone вградува и софтвер за подобра заштита на корисникот, што е веќе стандард за производителот кај сите свои Android смартфони. Овој модел доаѓа со вграден Nougat 7.1 и има прилично чиста верзија на Android, што значи дека брзо ќе добива надргадби на понови верзии.

Цената на BlackBerry KEYone во Европа ќе изнесува прилично високи 599 евра, што особено добива на тежина кога ќе се видат спецификациите. Сепак, како еден од ретките смартфони кој може да го користите со едната рака и да пиете кафе со другата (ова доаѓа директно од BlackBerry), KEYone има уникатно место на пазарот и заслужува внимание. Освен секако ако не пишувате почесто на кирилица, бидејќи неговата тастатура е исклучиво латинична.

Извор: Engadget, The Verge, Anand Tech

Претходна статијаNokia претстави три Android смартфони на MWC со ниски цени и чист Android Nougat
Следна статијаЕлектричната верзија на Honda Clarity со само 130 км опсег