asus-zenfone-3-lead

Минатата година, Asus направи прилично голем бум на сцената на паметни телефони со својата ZenFone 2 серија, а пред се поради понудените високи перформанси и многу ниска цена. Новите три ZenFone модели се подобри во секој поглед од своите претходници, а опфаќаат широка група на купувачи.

Сите три телефони ги карактеризира многу подобра изработка од алуминиум, за разлика од евтината пластика на претходниците. Адут на Zenfone 3 моделите е што немаат пластични линии за антената и благодарение на тоа изгледаат прилично чисто и минималистички. Asus, одлично завршена работа!

Покрај луксузната изработка, ZenFone 3 моделите ги карактеризираат и одлични мултимедијални можности, благодарение на поддршката за аудио со висока резолуција и звучниците со пет магнети, кои би требало да се помоќни од тие на конкуренцијата. Секако, сите модели имаат и читач за отпечатоци на прстите во задниот дел и доаѓаат со вграден Android Marshmallow.

gsmarena_001

Линијата почнува со обичниот ZenFone 3 модел, кој е 5,5 инчен уред со Full HD резолуција и Super IPS+ дисплеј. Во внатрешноста се вградува прилично моќниот Snapdragon 625 процесор, кој треба да ги задоволи скоро сите корисници, освен оние кои се заразени со 3D гејминг на своите паметни телефони. Останатите спецификации се исто така одлични – 3 GB рам меморија и 32 GB простор во основниот модел, односно 4 GB рам и 64 GB простор во помоќниот модел, со слот за micro SD картичка.

ZenFone 3 има и солидна камера од 16 мегапиксели назад, со оптичка стабилизација на сликата и f2.0 бленда. Предната камера има исто така солидни 8 мегапиксели и исто како и задната, може да снима Full HD видео. Батеријата има капацитет од 3.000 mAh со поддршка за брзо полнење, што би требало да е доволно за еден ден користење. Цената на Zenfone 3, со оглед на перформансите е исклучително коректна – почнува од 249 долари во САД.

gsmarena_002

ZenFone 3 Deluxe е подобрена верзија на горниот модел, која е знаменосецот во новата серија. Овој модел има 5,7 инчен Super AMOLED дисплеј со Full HD резолуција, моќен Snapdragon 820 чип во внатрешноста, помогнат од 4 GB или 6 GB рам меморија и 64/128/256 GB простор. Како и ZenFone 3 и овој може да се прошири со micro SD картичка.

Deluxe моделот има и подобра камера – задната има 23 мегапиксели и тоа сензор на Sony, исто така со оптичка стабилизација и f2.0 бленда. Камерата тука може да снима Ultra HD видео, за разлика од послабиот модел, додека предната камера е иста како кај поевтиниот модел. Батеријата има подеднаков капацитет од 3.000 mAh со поддршка за брзо полнење, што исто така би требало да е доволно за еден ден користење. Цената на ZenFone 3 Deluxe е исто така многу коректна – 499 долари за основниот модел во САД.

gsmarena_003

На крај, најчудниот модел во понудата е ZenFone 3 Ultra. Се работи за уред кој има масивен дисплеј од 6,8 инчи и Full HD резолуција и кој е наменет за оние кои гледаат многу мултимедијални содржини на својот телефон. Замислете го како своевидна замена за таблет, само со мултимедијални функции, од кои најинтересна е поддршката за 4K видео преку посебен процесор како кај телевизорите, а не помалку интересна е и поддршката за 7.1 сараунд звук.

Камерите кај Ultra моделот се исти како кај Deluxe, но процесорот е Snapdragon 652 со 4 GB рам и веројатно поради тоа максималната резолуција за снимање видео е Full HD. Батеријата пак има капацитет од 4.600 mAh со поддршка за брзо полнење, што е прилично масивно, а уредот има и излез за полнење на други телефони или уреди. Цената на овој модел е 479 долари.

Извор: GSMArena, The Verge, Engadget

Претходна статијаMicrosoft сепак реши да ги намали „триковите“ за надградба на Windows 10
Следна статијаКако да ја искористите бесплатната надградба на Windows 10 и по 29 јули