Лично многу сум против користењето на поимот „вештачка интелигенција“ за денешните компјутери кои можат да учат, но тој е веќе општо прифатен. Затоа, откако го консумиравте насловот, да појаснам дека вашиот iPhone од иднината нема да може да размислува како човек, туку едноставно ќе има чип кој ќе овозможи машинско учење, што е многу различно од вештачка интелигенција.

Што значи ова? Дека чипот ќе може да се користи за учење на навиките на сопственикот, но и за подобрување на перформансите во работи како изменета реалност. Всушност, ваков чип веќе има во новите процесори на Qualcomm, а и Google веќе го претстави Tensor Processing Unit и досега не видовме смартфон со кој ќе може да зборуваме како со човек, нели?

Овој чип ќе се вика Apple Neural Engine и гигантот во областа на смартфоните планира да го употребува и во возила со автопилот. Тој ќе работи заедно со процесорот и графичкиот процесор за овозможување на најразлични напредни функционалности во iPhone и за овозможување на автономно возење без потреба од поврзување на возилото на клауд сервери.

Засега не е јасно дали овој чип ќе се најде во новиот iPhone 8. Тој е се’ уште во прототип фаза и моја претпоставка е дека ќе треба да помине барем уште една генерација на iPhone уреди пред тој да почне да се вградува во нив.

Нормално, после имплементацијата во iPhone, очекувајте тој да го најде местото и во останатите модели на брендот, како iPad, MacBook и Apple Watch.

Извор: Engadget, Mac Rumors, Venture Beat

Фото: Regis Duvignau/Reuters

Претходна статијаРусија ги покажа првите компјутери на својот Elbrus-8S процесор
Следна статијаOnePlus ги продава последните залихи од 3T пред претставувањето на новиот OnePlus 5