Како поминува времето, добиваме се поразлични информации за новите iPhone-и кои треба да бидат лансирани годинава. Сега, излезе информација дека ќе има 5 инчен модел, кој веројатно ќе го замени 4,7 инчниот, како и информација дека поскапите модели ќе имаат безжично полнење.

Сепак, ова нема да биде безжично полнење како што се зборуваше претходно, односно ќе биде скоро исто какво што нудат Android и Windows конкуренцијата. Имено, имаше информации дека iPhone 7S или iPhone 8 ќе можат да се полнат на поголема далечина, но тоа веројатно нема да биде така и полнењето ќе се врши само кога телефонот ќе биде потпрен на посебен безжичен полнач.

Бидејќи ова полнење е индуктивно, тоа ќе биде достапно само кај моделите изработени од стакло (индуктивно полнење не работи преку метал), поточно веројатно само во најскапиот модел годинава, кој ќе чини над 1.000 долари. Има и информации дека сите модели ќе имаат безжично полнење, но поради ограничувањата на алуминиумот, на нив е потешко да им се верува.

Исто така, додатоците за безжично полнење нема да бидат вградени во пакувањето, односно нив корисникот ќе треба да ги купи дополнително. Покрај тоа, според информациите во пакувањето нема да биде вграден ниту адаптер за Lightning во 3,5 mm за слушалки, иако тој ќе може да се купи дополнително.

Како и да е, сите овие „протечени информации“ укажуваат на една важна работа – промени кај iPhone 7S и 7S Plus, како и кај iPhone 8 ќе има и тие ќе бидат прилично значителни. Едноставно, iPhone веќе не е толку моќен на пазарот како што беше пред неколку години и на Apple навистина му треба нешто кое повторно ќе го направи различен од конкуренцијата.

Извор: 9 to 5 Mac, The Next Web, Slash Gear

Претходна статијаСоларната енергија и електричните возила ќе го намалат производството на јаглен и нафта
Следна статијаGalaxy S8+ ќе биде името на поголемиот знаменосец на Samsung