Најголемиот производител во сферата на технологијата, последниве неколку години дефинитивно заостанува зад Google и Microsoft кога се во прашање виртуелната и проширената реалност. Сепак, тоа би можело да се смени со нова апликација за iPhone, кој најверојатно ќе има можност за прикажување на околината заедно со дигитални 3D објекти.

Проширена реалност е можноста да се постави дигитален предмет, како на пример холограм, во просторот кој ве опкружува. Најлесен начин да се претстави е играта Pokemon Go, која прикажува 3D рендерирани предмети во околината околу вас.

Според Business Insider, вакви можности наскоро би можела да има и камера апликацијата во iPhone, која ќе доживее неколку промени со кои ќе им овозможи на корисниците да имаат интеракција со виртуелните предмети во нивната околина. Апликацијата ќе има и нови алгоритми за препознавање на предметите и динамично мапирање на околината во 2D и 3D.

Некои информации велат и дека Apple ќе го отвори SDK на апликацијата, со цел дивелоперите да можат да ги искористат нејзините можности во нивните апликации. Поточно, со оваа промена ќе биде многу полесно за дивелоперите да вградат „проширена реалност“ во своите апликации, како на пример игри или пак навигации, кои се првите што би можеле да ги искористат новите подобрувања.

Претходно, најавивме и дека Apple работи на нови очила за проширена реалност, слични на Google Glass, кои исто така би прикажувале информации во просторот околу корисникот. Сето ова е прилично интересно, бидејќи Google Glass беа неуспешен производ, кој беше прекинат неполна година по почетокот на производството.

Од друга страна, сѐ уште нема најави дека Apple планира да влезе во светот на виртуелната реалност. Всушност, според некои изјави на нивниот извршен директор Тим Кук, иднината е во проширената, а не во виртуелната реалност. Времето сигурно ќе покаже дали е во право или не.

Извор: Business Insider, The Next Web, Macworld

Претходна статијаSnapdragon 835 донесува многу подобри перформанси и побрзо QuickCharge 4.0 полнење
Следна статијаGoogle претстави „живи футроли“ за Pixel телефоните кои автоматски ја менуваат вашата позадина