Отклучување на телефонот со препознавање на лицето на корисникот не е воопшто нова работа. Всушност, во Android е достапна уште од Ice Cream Sandwich 4.0, во времето кога iPhone немаше ниту Touch ID. Сепак, таа технологија за препознавање на лицето е прилично несигурна, бидејќи гледа само 2D слика од корисникот и може лесно да биде излажана со фотографија од него, нешто што не може да се случи со напредниот Face ID систем на Apple, кој може да гледа во 3D.

Според Минг Чи Куо, признат аналитичар на индустријата за паметни телефони, сите производители кои прават Android смартфони наскоро ќе му се придружат на Apple и ќе вградат слични системи кои ќе можат да го гледаат лицето во 3D.

И интересно, причината не е подобрена сигурност, бидејќи денес скоро сите подобри Android смартфони имаат читач за отпечатоци на прстите, туку можноста да се привлечат нови купувачи. Едноставно, отклучување на телефонот само со помош на лицето се смета за кул работа, особено откако Apple ја вгради во iPhone X. Исто така, таква камера би овозможила многу подобро следење на лицето и можност за изменета реалност со „снепчет“ филтри и Animoji, емоџија кои го следат лицето на корисникот.

Што ќе значи ова за развојот на читачи за отпечатоци вградени во самите дисплеи останува да видиме, но според Куо, Samsung и натаму работи на таква технологија, која би требало за прв пат да се вгради во Note 9 наредната година. Таква технологија би можела да биде придружник на Face ID, бидејќи да бидеме реални, отклучување само со помош на прстот е секогаш полесно и поефективно отколку тоа да треба да го кренете телефонот до лицето.

Извор: TechRadar, PhoneArena, MacRumors

Претходна статијаFacebook и Instagram воведуваат вкрстено споделување преку Stories
Следна статијаBlue Origin ќе испрати „туристи“ во вселената за 18 месеци