video_bg

Можеби малку чудно име за производ, посебно од ваков вид, меѓутоа мора да се признае дека неговите развивачи се имаат потрудено и дека предизвикува внимание. Компанијата е наречена Sense, а производот Mother, односно Мајка и е наменет да го поврзе вашиот дом и одредени ваши активности со главниот уред и апликација.

Целиот систем е составен од главниот уред, Мајката, кој што е во форма слична на кегла за куглање и 4 мали уреди сензори, наречени Колачиња (Cookies) кои што се поставуваат на саканите места. Сензорите можат да следат движење и температура и функционираат преку поставување на пример на вашата врата, на одредена локација од ѕидот во просторијата, во чантата на вашето дете и слично. Информациите кои што ги собираат овие сензори се испраќаат до главниот уред, по што тие можат да се следат и наместат одредени акции, преку достапниот веб пристап, како и апликациите на Android, iOS и Windows.

Главниот уред се поврзува со вашиот рутер преку кабел и се разбира се вклучува во струја. Прилагодувањето е едноставно, односно е направено да биде лесно за секој тип на корисник. Сензорите сепак можат да работат на растојание до 20 метри, а доколку се наоѓаат подалеку, своите информации ќе ги испратат до главниот уред, односно до Мајката, следниот пат кога ќе бидат во доволна близина.

mother_4cookies.19

Овој систем е направен да биде флексибилен и можете да го користите за повеќе работи. Сензорите се разбира можете да ги репрограмирате во секое време, па доколку некој од нив би сакале да го користите за друга намена, тоа лесно можете да го направите преку веб апликацијата.

Како и за што би можеле да ги користите сензорите на Мајка системот ?

Сензорите можете да ги поставите на вашите врати, па секогаш кога некоја од нив ќе биде отворена вие ќе бидете известени. Известувањето може да се изврши на повеќе начини, односно преку достапните апликации, преку SMS, преку телефонски повик и слично. Друг сензор, на пример, можете да го носите со вас и да ги брои вашите направени чекори и потрошени калории. Исто така, тој сензор може да се користи и како локатор, па одредени активности дома да бидат вклучени или исклучени од другите сензори кога вие сте дома. Сензорите исто така можат да се користат за следење на вашето спиење, па на веб или апликациите да добиете детален извештај за вашите навики навечер.

Можностите се повеќе и е оставено на корисникот како сака да ги користи овие сензори. Системот се продава по цена од 300 долари и според некои анализи е сепак нешто поскап со оглед на работите кои што ги нуди, но сепак тоа останува на корисникот да го заклучи.

Во следното видео можете да го погледнете системот, а и уште неколку начини на негова примена.

Извор: Cnet, Sense

Претходна статијаМодулите на Project Ara ќе се менуваат без исклучување на телефонот
Следна статијаНова математичка пресметка укажува на непостоење на црни дупки во Универзумот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.