Како што веќе е познато, Game Developer’s Conference (GDC) е настан на кој се собираат голем број на компании и тимови кои активно учествуваат во гејминг-индустријата. Притоа, се дебатира, информира и зборува околу новите достигнувања во светот на видео игрите, како и она што допрва следи.

Па така, последната конференција се одржа пред десетина дена и истата беше искористена од страна на Intel за објавување на нивниот најнов Haswell процесор кој е пред се’ наменет за корисниците кои не жалат пари за максимално искористување на моќта на една компјутерска конфигурација. Процесорот, кој припаѓа на четвртата генерација Core-i7 Extreme Edition чипови, ќе се појави на пазарот со 8 отклучени, и 16 виртуелни јадра, во текот на летото што ни претстои. Она што исто така се смета за голем напредок е поддршката на DDR 4 меморија, што во превод значи поголема брзина, како и помало оптеретување во споредба со DDR 3 меморијата.

Во текот на GDC, Intel ја претстави и четвртата генерација на процесорот наречен Devil’s Canyon Core, кој најмногу ќе ги интересира оние кои секогаш се подготвени за дополнително оверклокирање. Додека сме кај процесорите, вреди да се спомне и фактот дека компанијата планира петтата генерација на 14-нанометарски Broadwell процесори да ја направи достапна со отклучени јадра и во комбинација со IRIS графика.

Како доказ дека Intel вредно работи на повеќе производи истовремено, на конференцијата беше прикажано и видео со кое може да дознаете нешто повеќе за нивните all-in-one компјутерски конфигурации.

Претходна статијаUbuntu 14.04 бета достапен за симнување, ги вклучува претставените промени и нови функции
Следна статијаВо мај ни пристигнува камера „на носење“ што снима 4К видеа