2017 е дефинитивно година во која компаниите чии конзоли беа популарни во 80-тите и 90-тите ги лансираат повторно со „мини“ дизајн, кој вклучува и голем број на популарни видео игри од тоа време. Nintendo секако го почна овој тренд, но него наскоро ќе му се придружи Commodore, односно компанијата Retro Games, кои спремаат мини верзија на 64-ката.

За популарноста на Commodore не треба премногу да се зборува – ова беше особено популарна конзола кај нас на крајот од 80-тите години, за која беа лансирани и прилично голем број на популарни игри.

Сега, Retro Games ќе лансира мини верзија на Commodore 64, која ќе ги има скоро истите можности, односно слично како Nintendo што направи со нивните конзоли, ќе може да се поврзе со HDMI со модерен телевизор и ќе може да прикаже слика во три различни стилови: CRT, за да изгледа како на старите телевизори, Pixel Perfect со подобрена графика и Scanline Emulation, која ќе изгледа најретро и ќе има хоризонтални линии.

Покрај тоа, како и оригиналниот Commodore 64 компјутер и овој ќе има Basic програмски јазик, што значи дека на него ќе може да научите и програмирање, односно и сами да направите неколку игри или програми.

Покрај тоа, C64 Mini ќе има и 64 вградени игри, меѓу кои и популарните Speedball 2, California Games, Cybernoid, Paradroid, Brutal Deluxe 2 итн. На овој линк има и листа од сите 64 игри, кои со сигурност ќе овозможат часови и часови ретро забава.

Цената на C64 MIni ќе изнесува 70 долари, што е прилично конкурентно на SNES Classic на Nintendo, која чини 80 долари, со таа разлика што можностите на конзолата на Nintendo се многу поголеми, односно игрите се многу помодерни. Во пакувањето инаку ќе има и класичен џојстик со палка, што е супер ретро потег.

Извор: Engadget, Gizmodo, New Atlas

Претходна статијаСенатот на САД со закон ќе ги регулира автономно-управуваните возила
Следна статијаПротече фотографија од Mate 10 Pro, најдобриот смартфон на Huawei досега