Western Digital е компанија која е особено позната по своите HDD хард дискови. Сепак, неодамна тие почнаа да произведуваат и SSD дискови, а сега веќе имаат и преносен SSD диск, за оние кои сакаат максимална брзина на запишување и вчитување на податоци, на пример оние кои работат со големи видео датотеки.

My Passport SSD е наследник на истоимената HDD линија, која е убедливо најуспешната линија на екстерни дискови во светот. Новите SSD модели ќе се обидат да го направат истото, иако сега конкуренцијата е многу пожестока и веќе присутна неколку години на пазарот.

За разлика од своите HDD браќа, овој диск ќе има многу повисоки брзини на вчитување и впишување на податоци, до 515 MB/s. За многумина ова и не е претерано важно, но оние кои редовно работат со големи датотеки, најдобро ја знаат маката на чекање некоја датотека да се префрли на дискот. Со SSD дисковите, префрлањето ќе биде околу 10 пати побрзо, што не е занемарлива разлика.

Новите My Passport SSD дискови ќе се приклучуваат преку USB Type-C интерфејс со компјутер, што е исто така важна алка во испорачување на високите брзини на трансфер на податоци. Моделот ќе доаѓа во три изведби – 256 GB со цена од 100 долари, 512 GB со цена од 200 долари и 1 TB со цена од 400 долари. Според понуденото, прилично коректни цени.

Извор: The Verge, ZDNet, Wester Digital

Претходна статијаGalaxy S8 руши рекорди – нарачани 550.000 модели во Јужна Кореја за само два дена
Следна статијаРецензија: Samsung Galaxy A5 е смартфон од средната класа со премиум карактеристики