Наскоро ќе може да отидете во продавница и да си купите уред за гледање и играње во виртуелна реалност, кој ќе може да работи без да се поврзе со компјутер или без да треба да го ставите вашиот смартфон во него. Зад дизајнот и развојот на овие уреди стои Qualcomm, кој планира своите процесори од високите класи да ги вгради и во вакви геџети.

Qualcomm сепак нема да ги продава овие уреди под свое име. Тие прават само референтен дизајн, на кој потоа останатите производители на хардвер можат да направат очила за гледање со свој дизајн и функционалности, па очекувајте да има вакви уреди од Samsung, Lenovo, Asus, Dell, LG итн. Поточно, секој производител кој нешто значи во светот на мобилната технологија.

Предноста зад тоа што овие очила ќе имаат референтен дизајн е што уште отсега дивелопери развиваат најразличен тип на софтвер за нив. Имено, Qualcomm веќе направи референтен уред, кој им е даден на дивелоперите со цел кога производите ќе бидат достапни на пазарот, веќе да има спремен софтвер, односно игри и апликации.

Референтниот дизајн е нормално базиран на Qualcomm Snapdragon 835 чип, кој ќе биде еден од најмоќните мобилни чипови на планетата кога ќе биде лансиран заедно со Galaxy S8 на Samsung. Од него може да се очекува квалитетно виртуелно видео, иако не треба да се очекуваат игри на нивото на HTC Vive и Oculus Rift.

Уредот инаку е опремен со AMOLED дисплеј со висока резолуција од 2560х1440 пиксели и освежување од 90 Hz, 100 степени широчина на видно поле, вградено следење низ просторијата, надворешни камери кои ќе му кажат на корисникот каде има препреки и 4 GB рам меморија, доволно за лансирање и на најтешките апликации.

Првите уреди за виртуелна реалност со Qualcomm 835 ќе пристигнат кон втората половина на оваа година.

Извор: Road to VR, Motley Fool

Претходна статијаSurface Book 2 ќе биде лансиран наредниот месец, ќе биде обичен лаптоп?
Следна статијаTesla ќе престане да го продава нивниот најевтин модел