Денес, особено младата популација, буквално е заразена со ставање на сите „мемории“ од денот на социјалната мрежа Snapchat. Отсега, тоа ќе биде многу полесно, благодарение на новите Spectacles очила на компанијата, кои можат да снимаат видео кое потоа можете да го прикачите на Snapchat.

Очилата имаат прилично модерен дизајн и лично очекувам наредното лето ваквиот дизајн да биде “in”, особено што овие очила би можеле да станат многу популарни кај помладата популација. Идејата зад нив е едноставна – со притискање на копчето отстрана, тие почнуваат да снимаат видео со должина од 10 секунди, кое потоа преку Bluetooth и Wi-Fi кај iPhone, односно Wi-Fi кај Android автоматски се префрла во сториите на вашиот Snapchat. И не, нема да мора да бидете голи за да ги носите, иако официјалните фотографии некако „алудираат“ на тоа, бидејќи, Snapchat нели…

specs3-0-copy

Предноста на овие очила е што нема да мора воопшто да го вадите телефонот за да ги снимите моментите во текот на денот, што значи дека со помалку напор ќе може да снимите многу повеќе видеа. Од друга страна, вие кои го користите Snapchat само за „воајеризам“, очекувајте другите корисници да ставаат многу, многу повеќе видеа кои секако ќе одземат од вашето драгоцено време.

Секако, ова важи ако овие очила успеат. Нивната цена е 129 долари во САД, што и не е малку за геџет кој само може да снима видео само за Snapchat, односно не може да се искористи со други апликации или социјални мрежи. Исто така, останува загриженоста дека тие можат да се искористат за шпионирање, но да бидеме реални – исклучително лесно е да се забележат, а кога снимаат околу камерата свети бел прстен од LED светла.

spectacles

Snapchat Spectacles инаку имаат вградена батерија која се полни додека ги држите во футролата. Поточно, главната батерија е во футролата, која овозможува до пет полнења на самите очила. Потоа, корисникот треба повторно да ја наполни футролата. Снименото видео пак има прилично широк агол од 115 степени, што е слично на тоа како гледаат луѓето, а очилата снимаат „циркуларно“ видео, кое потоа е пресечено за потребите на Snapchat.

screen_shot_2016-09-24_at_12-06-56_pm-0-copy

Извор: Mashable, Wired, The Verge

Претходна статијаHuawei и Leica отворија заеднички центар за развој
Следна статијаBBC експериментира со холограмска телевизија како од “Star Wars”