И покрај тоа што очекувавме Microsoft Home Hub да биде само софтверски сервис кој ќе им биде достапен на сите корисници на Windows 10 компјутер, сега знаеме дека оваа можност ќе се прошири и во паметен звучник за домот.

Samsung ќе биде првиот производител кој ќе лансира ваков уред со Cortana, дигиталниот асистент на Microsoft. Производител на звучникот ќе биде всушност специјалистот Harman Kardon, чии домашни аудио елементи се едни од најпопуларните во светот, а кој неодамна беше купен од Samsung.

Повеќе спецификации за звучникот не знаеме, но сигурен сум дека барем ќе има добар звук – сум слушнал многу релативно мали звучници од Harman Kardon досега, кои звучеле фантастично. Од видеото сепак може да се види дека се работи за прилично квалитетно изработено парче хардвер, кое ќе може добро да се вклопи во секој дом.

Звучникот ќе ги има сите можности на Cortana. Ова значи дека преку него ќе може да го средувате вашиот календар, да прашувате прашања, да побарате Cortana да прати мејл или SMS порака за вас (преку вашиот поврзан телефон), да пушти музика или филм на апликацијата која вие ја користите (на пример Netflix на вашиот телевизор или пак Spotify) итн.

Наредната година можностите на Cortana ќе бидат и проширени – со неа ќе може да се контролираат останатите паметни IoT уреди низ домот, како на пример температурата на просторијата или фрижидерот. Cortana подоцна ќе почне да се вградува и во другите паметни уреди низ домот – очекувајте паметни кујнски апарати со Cortana многу наскоро.

Со овој звучник, Microsoft конечно ќе влезе и во домот на корисникот, каде моментално владеат само Amazon Echo и Google Home безжичните звучници. Дали ќе има Cortana доволно уникатни карактеристики да се издвои од конкуренцијата останува да видиме, но самиот факт дека е придружена од Samsung и Harman Kardon е многу позитивен знак.

Извор: The Verge, Tech Crunch, Venture Beat

Претходна статијаChevrolet Volt – брилијантен дизајн на иднината
Следна статијаНајбрзорастечка професија во САД – сервисер за ветерници