Samsung уште откако се појави виртуелната реалност на мапата беше голем играч со својот Gear VR уред, во кој може да се стави Samsung Galaxy смартфон и да се ужива во виртуелниот свет. Сепак, можностите на овој уред беа прилично ограничени, а најголема од нив е тоа што мора да поседувате (скап) смартфон од компанијата.

Затоа, гигантот спрема нова верзија наречена Exynos VR III, која ќе има два вградени дисплеи со резолуција од WQHD+ и освежување од 90 слики во секунда, кои ќе овозможат гледање на виртуелна реалност и играње на најразлични игри без потреба од дополнителен смартфон.

Како што кажува името на овој уред, во внатрешноста ќе биде вграден Exynos процесор од Samsung, најверојатно 8895 кој се вградува и во Galaxy S8 и S8+, но со шест јадра, од кои две ќе работат на 2,5 GHz и моќна ARM Mali G71 MP20 графика.

Samsung Exynos VR III ќе има и технологија за следење на очите, која ќе овозможи целосно рендерирање само на делот каде корисникот гледа со очите и намалена резолуција на околината, што ќе ја намали потребата од моќна графика за играње игри – иако вградената ARM Mali G71 MP20 е моќна за мобилни уреди, не може да се спореди со графичка картичка наменета за гејмерски компјутер, каква бараат Oculus Rift и HTC Vive. Покрај тоа, уредот на Samsung ќе поддржува и препознавање на гласовни команди, препознавање на команди со раката и препознавање на различни експресии на лицето.

Засега нема најава за цената на Exynos VRIII, но поради тоа што се работи за уред со вграден компјутер во него, очекувајте тој да биде доста поскап од актуелниот модел, кој се нуди по цена од околу 130 долари заедно со контролер.

Извор: Trusted Reviews, Liliputing, The Verge

Претходна статијаНова услуга од Логин Системи: Хостирање на Dynamics NAV за побрз почеток и поефтино користење
Следна статијаSamsung ќе лансира паметен звучник, но со нивниот асистент Bixby