1475073273954-copy

Секогаш кога ќе им го претставам Star Trek на некои од моите пријатели кои не сакаат научна фантастика прво што ме прашуваат (некако и триумфално) е како тоа сите вонземјани зборуваат на англиски. На што нормално го добиваат одговорот дека имаат вградени уреди за преведување во реално време, кои ако може да се верува на Pilot Indiegogo кампањата, уште отсега се достапни за јазиците на Планетата Земја.

Pilot се слушалки кои можат да преведуваат кога разговарате со некој соговорник на друг јазик. Според Waverly Labs, компанијата која стои зад овој уред, тие не преведуваат во реално време како во Star Trek, но почнуваат веднаш откако соговорникот ќе ја заврши реченицата. Затоа и се викаат Pilot, бидејќи се прва генерација на производ, кој според создателот на компанијата Марион Гереро, во иднина ќе може да функционира исто како во Star Trek.

1_tuhazm

Ова значи дека со овие слушалки ќе можете да го прошетате цел свет и да зборувате на својот мајчин јазик. Секако, се додека јазикот е во датабазата на апликацијат со која мораат да се поврзат овие слушалки за воопшто да функционираат. На видеото од компанијата може да се види како двајца соговорници разговараат на англиски – француски, а достапни се и неколку други јазици кои често се зборуваат во светот, поточно шпански, италијански и португалски. За жал, засега не е достапен македонски, но верувам дека за повеќето од нас и англиски ќе заврши работа.

Секако, како и со секој производ кој тврди дека може да направи нешто што досега сме го гледале само во научно – фантастичните филмови има доза на скептицизам. Досега, дури и паметните телефони немаат некои особено квалитетни можности за брзо преведување со препознавање на говор, односно често се јавуваат грешки, а и самите софтвери за симултано преведување не се воопшто совршени. Само нека ви текне на Google Translate и се ќе ви стане јасно.

2_fsgg0l

Ако пак Pilot работи, тоа би било навистина одлично – конечно ќе можам да престанам да го учам тешкиот клингонски јазик. На Indiegogo компанијата веќе собра преку 3 милиони долари, што значи дека заедницата му верува на производот, додека самите слушалки ќе бидат 199 долари.

Извор: BGR, Forbes, Indiegogo

Претходна статијаHuawei Mate 9 ќе биде претставен на 3-ти ноември
Следна статијаЗлатна книга бесплатно ги промовира сите нови бизниси