Веќе неколку пати имаме зборувано за најразлични паметни уреди кои можат да се носат на телото и кои можат да откријат најразлични типови на болест или пак да помогнат при болест или некои недостатоци. Ова ни дава прилично голем оптимизам за иднината, во која веројатно нема да треба да одиме на доктор, бидејќи сите болести ќе бидат откриени од минијатурни паметни уреди. Најновиот изум на истражувачи од Универизетот во Калифорнија може да открие дијабетес и цистична фиброза и вие само ќе треба да го носите на раката.

Овој уред ги открива овие болести преку потта од телото – нема потреба од никакво боцкање. Исто така, за разлика од слични вакви паметни уреди досега, со оваа паметна алка која се поставува на раката ќе можете слободно да се движите. Но, како функционира оваа алка? На хартија е прилично едноставно – чипот ја детектира присутноста на различни молекули и јони во потта на човекот. Поточно, различно јонизираната пот генерира различни волтажи на струја на електричното коло и благодарение на тоа, оваа алка може да оцени дали имате дијабетес или цистична фиброза.

Но, зошто би се користела една алка за да ви каже за болест која реално не може трајно да се излечи? Нели би било исто така едноставно доктор да ви го каже истото? Идејата на истражувачите е да направат уред кој константно ќе ја следи состојбата на организмот и кој ќе му кажува на корисникот како делува на него лекот кој го користи. На пример, со оваа алка дијабитечарите ќе можат лесно да ја следат количината на шеќер во својот организам, што е од особено голема важност. Сепак, ова не значи дека ваква алка веднаш ќе пристигне на пазарот – научниците велат дека таа треба да се подобри за да може да функционира секој ден.

Извор: Daily Mail, Tech Digg, Mirror

Претходна статијаGoPro Fusion е акциона камера за снимање на виртуелно видео
Следна статијаHTC „стисливиот“ телефон пристигнува наредниот месец