0e61627614a2f87ff45d1898ff146219_original

Секоја година илјадници велосипедисти гинат или се значајно повредени на патиштата. И покрај тоа што превземаат активни чекори за да го намалат загадувањето, да го подобрат своето здравје, да ја намалат гужвата на патиштата и да бидат поекономични, некои возачи на автомобили сметаат дека не треба да внимаваат на нив и да им даваат предност, па често се случуваат несреќи кои поради природата на велосипедизмот знаат да бидат фатални.

Човештвото веќе има разработен систем за сигнализација и безбедност на велосипедите (погледни подоле), но кој го почитува или знае денеска? Затоа разните производители започнаа со работа и подобрување на велосипедската опрема за да обезбеди поголема сигурност во возењето. Lumos е еден таков проект кој сака да создаде велосипедска кацига со значително подобрена безбедност.

Се работи за кацига која на задниот дел има светла (LED) кои вршат различни функции, но во главно работат како сигналните светла кај автомобилите. Тие покажуваат правец на движење, кочење и други информации кои треба да ги предупредат возачите зад вас. Покажувањето на правецот на движење го активирате со притискање на копче кое доаѓа заедно со кациката и кое се сместува на гиданот.

Дополнително, кацигата прикажува црвен стоп знак кога кочите, но не можевме да откриеме дали го открива самата кочењето или и за ова треба вие да дадете сигнал мануелно (со оглед на тоа дека управувачот има само две копчиња, за лево и десно). Кога не кочите или вртите кацигата трепка и јасно ви ја означува позицијата ноќе, што секако ќе помогне за вашата безбедност и да не бидете прегазени.

Според производителот со едно полнење на кацигата (преку стандарден USB порт) ќе можете да ја користите до две недели по 30 минути дневно, што веруваме дека е доволно добро за секој велосипедист. Секако дека кацигата ќе ве штити и од удари на главата како регуларна кацига, бидејќи е направена според европските спецификации за безбедност и издржливост. За 99 долари можете да си нарачате едно парче Lumos и да ја подобрите својата велосипедска безбедност на патиштата!

Велосипедизмот, сообраќајните правила и безбедноста

Како што знаеме (?), постојат сообраќајни правила и за велосипедите, кои мора да се почитуваат, без разлика дали се сложувате со нив или не. Веројатно најбитните за вас се дека велосипедистот мора да сигнализира со рацете за да ја означи намерата да го смени правецот, преку испружување на едната рака. Тој исто мора да ја дигне раката во стегната тупаница кога планира да кочи.

Околу местата за движење, ако не постои велосипедска патека или е зафатена од автомобили на возачи кои веројатно мислат дека се многу паметни што паркирале на такво место, велосипедистот мора да вози во најкрајната десна лента, и тоа што поблиску до десниот раб земајќи ја предвид безбедноста. Ако постои велосипедска патека велосипедистот мора да се движи по неа. Ако сака да го смени правецот и да се приклучи на друга улица на раскрсница, а каде што нема патека за велосипеди, тој треба да сигнализира преместување во некоја лента, а потоа да вози како регуларно возило.

За повеќе правила посетете ја следната страница: На Точак – упатство за учесници, како и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (пречистен текст, 2014).

Извор: The Next Web, Kickstarter

Претходна статијаИнтел објавува приход за вториот квартал од 13.2 милијарди долари, конзистентен со предвидувањето
Следна статијаFacebook ќе овозможи купување на производи директно од нивната страна