Во многу од научно фантастичните филмови и книги, човештвото е буквално опкружено со дисплеи. Цели згради, ѕидови од соби и секој простор кој не опкружува, е дисплеј. Ваквата реалност и не е толку далеку ако се размисли подобро, а потврда за тоа е Lightform, мал геџет кој може вашата соба да ја претвори во сцена од научно – фантастичен филм.

Lightform е во основа компјутер, кој содржи моќен процесор и камера со висока резолуција. Идејата на камерата е уредот да знае во какво опкружување се наоѓа, односно буквално да може да ја види собата. Овој компјутер потоа може да се поврзе со било кој проектор кој поддржува HDMI интерфејс и да проектира најразличен тип на информации на ѕидовите, зависно од потребите на корисникот.

На пример, тој може да се користи за паметен начин на запишување на најразлични работи на црна табла, кои лесно ќе може да ги смените на самиот компјутер. Секако, ова е само еден од примерите (кредата е и натаму прилично едноставно и корисно решение), а има и такви кои се навистина иновативни, како на пример проекција на капка вода на некоја саксија кога на растението му треба вода.

Идејата со Lightform е секоја површина во вашиот стан или куќа да стане паметна. Овој геџет може прецизно да постави некоја проекција до еден пиксел, што значи дека може да се користи и за многу прецизни работи. Исто така, Lightform може самиот да ја мапира цела околина – нема потреба од никакво сетирање. И според неговите создатели, во иднина овој компјутер ќе може да постави и украси на вашата новогодишна елка – нема потреба од купување!

Во иднина, Рај Соди, еден од двајцата сопственици на Lightform, вели дека проектирањето на податоци на површините ќе стане толку многу присутно, што целосно ќе ги замени физичките дисплеи. Всушност, според нив скоро се што ќе не опкружува ќе биде изменета, односно подобрена реалност со помош на компјутери и проектори. Лично, нетрпелив сум да го дочекам тоа.

Извор: Wired, The Verge, Lightform

Претходна статијаXbox Project Scorpio ќе овозможи 4K гејминг при 60 fps
Следна статијаUbuntu на телефон е завршена приказна