И покрај тоа што со популаризирањето на “Cloud” сервисите продажбата на уреди за складирање податоци опаѓа, се уште има пазар за оние со поголем капацитет. Ова особено важи за преносните решенија, како новиот DataTraveler Ultimate GT мемориски стик на Kingston, кој во најголемата верзија може да собере неверојатни 2 TB податоци.

Ова го прави идеален за оние кои работат со видео или преработка на видео. Имено, во многу од поновите лаптопи денес се вградуваат SSD дискови, кои нудат максимум 1 TB капацитет и тоа само во најскапите и најмоќните верзии. Затоа, корисниците често се потпираат на екстерни хард дискови, кои нудат високи капацитети за малку пари.

Сепак, екстерните хард дискови се прилично големи за оние кои го сакаат најлесно преносливиот систем. Затоа, Kingston ги лансира новите DataTraveler Ultimate GT USB стикови, кои доаѓаат во изведба од 1 и 2 TB. Згора на тоа, тие поддржуваат брз трансфер на податоци, благодарение на USB 3.1 интерфејсот, иако засега нема модел со USB Type-C приклучок за оние кои купија нов MacBook.

Покрај тоа, стиковите се отпорни на шокови благодарение на изработката од цинк – алуминиум и можноста за работа на температури од -25°C до 60°C, односно -40°C до 85°C без да се загубат податоците. Kingston нуди и 5 годишна гаранција за овие стикови, со бесплатна техничка поддршка, а истите се нормално компатибилни со мноштво оперативни системи, како Windows 7 или понов, Mac OS 10.9 X или понов, Linux v2.6x или понов, односно Chrome OS.

Цената на новите DataTraveler Ultimate GT мемориски стикови се уште не е објавена, но очекувајте да чинат премиум, бидејќи моментално се и единствени такви на пазарот.

Извор: ZDNet, PC World, The Verge

Претходна статијаIntel ги претстави помоќните десктоп и лаптоп верзии на Kaby Lake процесорите
Следна статијаNokia планира лансирање на 6 или 7 Android смартфони годинава