Homey е уште еден од се поголемиот број на интересни уреди кои се претставуваат и собираат средства преку Kickstarter. Направен во интересна тркалезна форма, Homey се поврзува со вашите домашни уреди, како телевизор, шпорет, фрижидер, музички систем и повеќе, па преку гласовни команди и соодветна мобилна апликација можете сите нив да ги контролирате од едно централно место.
Се разбира за одредени уреди потребно е и тие да се во категоријата на паметни, како на пример, шпоретот, фрижидерот, електрични ролетни на прозорите и слични уреди, но одредени уреди може да бидат контролирани иако не се во таа категорија, како телевизорите, музичките системи и слично. За да се поврзе со сите овие уреди, како и со мобилната апликација, Homey се поврзува на интернет, има вграден infrared чип, како и повеќе безжични стандарди за поврзување со домашните уреди. Конкретно, Homey има поддршка за следните стандарди:
- Wi-Fi 802.11b/g/n
- Bluetooth 4.0
- NFC
- ZigBee
- Z-Wave
- 433.92 MHz
- nrf24l01+
- Infrared
Работата со уредот е многу едноставна откако ќе ги поврзете саканите уреди. Се што треба е да му кажете на Homey што сакате да направите и тој истото ќе го направи. Homey може дури и да ги учи вашите постапки и навики, па така кога сакате да гледате некој филм, покрај тоа што можете да го кажете неговиот наслов и тој ќе биде пуштен на вашиот телевизор, исто така, Homey ќе ги намали светлата во просторијата и ќе ги спушти ролетните за да добиете целосно филмско искуство.
Homey исто така вклучува и одредени апликации, па така тој може да ви ја каже временската прогноза, да ви ги прочита вашите најнови email пораки, да се поврзе со вашиот календар и слично. Преку поврзувањето со мобилната апликација, Homey можете да го контролирате и кога не сте дома, па така можете да ја вклучите рерната да почне да се грее на пат накај дома кога планирате да зготвите нешто, како и многу други примери.
Средствата на Kickstarter нема да биде проблем да бидат собрани, односно интересот за уредот е доволно голем, па веќе се собрани повеќе од 94.000 долари од потребните 100.000 во моментот на пишување на оваа статија и на останати уште 28 дена до крајот на рокот. Цената по која што може да се нарача Homey е околу 400 долари зависно од времето на нарачка и достапните уреди.
Извор: Engadget, Kickstarter