Океј, може насловот не е најточен, бидејќи новите Bluetooth слушалки на Google имаат кабел кој ги поврзува и кој стои позади вратот на корисникот, но тие и натаму се поврзуваат безжично со паметниот телефон. И лично, стојам на тоа дека ваквите слушалки се многу покорисни отколку целосно безжични слушалки како Apple AirPods, кои е многу полесно да се изгубат.

Но, да се навратиме на Pixel Buds. Овие слушалки се неочекуван одговор на Google на се поголемиот број на Bluetooth слушалки на пазарот и тие имаат неколку уникатни карактеристики кои треба да ги одделат од конкуренцијата, но и прилично висока цена.

Самите слушалки се прилично добро дизајнирани и според Google многу удобни за подолго носење, бидејќи не навлегуваат длабоко во увото. Исто така, тие се поврзуваат супер лесно, само со отворање на футролата за носење, исто како и Apple AirPods, што е функција која работи само со Pixel смартфон.

Од овие слушалки сепак не очекувајте којзнае колку квалитетен звук, барем не на нивото на компании кои се бават со слушалки со години. Од друга страна, Pixel Buds се паметни и можат да се управуваат со неколку гестови на прстите на самата слушалка, а имаат и можност за преведување на разговори во живо со помош на Google Translate.

Да, ова се меѓу првите вакви слушалки, кои не само што можат да преведат она што го слушаат од вашиот соговорник, туку можат и да ви помогнат да вратите откако ќе им ја кажете истата фраза на вашиот јазик, а засега Pixel Buds и Google Translate поддржуваат 40 јазици за превод во реално време. Интересно, тие работат и со iPhone и преку нив дури може да се активира и Siri, покрај очекуваната активација на Google Assistant кај Android смартфоните.

Pixel Buds сепак имаат прилично висока цена од 159 долари, која би можела значително да ја наруши продажбата, особено што многу етаблирани конкуренти веќе неколку години имаат Bluetooth слушалки со (веројатно) поквалитетен звук и слични карактеристики. Всушност, ако преведувањето во живо не ви е особено важно, веројатно ќе биде подобро да купите од некоја друга компанија и да заштедите пари.

Извор: The Verge, TechCrunch, Engadget

Претходна статијаПатент за Apple Watch покажува како тој може да се користи за мерење на крвен притисок
Следна статијаInstagram воведува анкети во Stories