Скоро секоја (посериозна) компанија има бели табли за цртање, на кои се пишуваат забелешки, се прават планови и се вршат презентации. Сепак, сега живееме во ерата на напредната технологија и беше само прашање на време кога некој ќе ги замени овие бели табли со дигитални.

Google Jamboard е токму таква табла, пардон дисплеј, кој ќе има многу повеќе можности од само една обична бела табла и неколку фломастери во боја.

Всушност, Google Jamboard е еден вид на компјутер, кој дозволува соработка со други Jamboard-и, покрај можноста да се користи како обична дигитална табла. Поточно, повеќе корисници кои имаат вакви табли можат да пишуваат и да цртаат на нив и потоа тие да се појават на друга табла во компанијата.

Ова е одличен начин на соработка и овозможува подобро поврзување на вработените, особено во поголемите компании. Згора на тоа, Jamboard ги има стандардните карактеристики на еден лаптоп – на него може да се прават и видео повици и да се четува со други корисници.

Самиот дисплеј има големина од 55 инчи и 4K резолуција и има супер високо освежување на дисплејот од 120 Hz. Ова е многу важно за ваков тип на дисплеј, бидејќи кога корисникот пишува на него, скоро и да нема да се чувствува дека линијата на дисплејот касни кога ќе се пишува или црта. Нормално, во дисплејот има и компјутер и тоа Nvidia Jetson TX1, а Jamboard може да се поврзе преку USB 3.0, USB Type-C, Wi-Fi, Bluetooth и NFC.

Google Jamboard ќе ги поддржува сите апликации на Google и ќе биде особено корисен во Google Drive клауд околината, бидејќи ќе може да ги зачувува сите цртежи за прегледување во иднина од било кој друг Jamboard уред или пак компјутер, односно смартфон, нешто што нормално не го можат обичните бели табли.

Најголема кочница за имплементација на овој интересен продукт е сепак цената, која во САД изнесува високи 5.000 долари, што е голем залак за голем дел од компаниите.

Покрај тоа, Google има и конкуренција од Microsoft Surface Hub, кој не само што може да се користи како бела табла, туку има и целосен Windows 10 компјутер во него, кој има уште толку повеќе можности и функционалности.

Извор: The Verge, PCMag, CNET

Претходна статијаHuawei MateBook X е супер луксузен Windows 10 лаптоп со висока цена
Следна статијаПротекоа спецификациите за Moto Z2 Play, и натаму ќе биде модуларен