Фотографирањето со смартфон е прилично лесно и едноставно – се што треба да направите е да го насочите и да го допрете дисплејот. Сепак, фотографирањето со „професионалните“ DSLR и Mirrorless апарати и не е така едноставно – за да ги постигнете најдобрите можни резултати од секоја фотографија, треба да знаете што се експозиција, бленда, ISO итн.

Така, ако не изберете вредност каква што треба, може да се случи сликата да е премногу светла или премногу темна, односно субјектот од портретот да не е добро изолиран од позадината.

Arsenal е нов геџет кој ќе се погрижи за секогаш да добивате одлични фотографии. Тој користи вештачка интелигенција, односно поточно неврална мрежа, која детално ја анализира секоја сцена, проверува како познати професионални фотографи сликале слична сцена и според тоа ги избира потребните параметри.

Да, ова звучи можеби и покомплицирано отколку да разговараме за бленда и експозиција, но најважно од се е што корисникот нема да мора да размислува – само ќе треба да го насочи апаратот и да фотографира.

Секако, сето ова ќе треба да се испита детално за да се увериме во квалитетите на оваа направа. Фотографирањето е многу субјективна работа и најдобрите фотографи најчесто и не ги следат правилата кога фотографираат. Според тоа, резултатот можеби и нема да испадне како што вие сте го замислиле. Но, како и да е, добро е да се види дека најразлични стартапи работат на приближување на вештачката интелигенција до широките маси – Arsenal е успешен проект на Kickstarter.

Производот инаку чини 150 долари и се става на „папучата“ за блиц на апаратите, а се поврзува со апликација за вашиот смартфон, каде истите фотографски поими од горе се објаснети на „полаички“ начин. Цената не е премногу висока ако во предвид се земе таа на ваквите фотоапарати, но јас би рекол дека истите средства би можеле да ги вложите и во курс за фотографија. На тој начин барем ќе бидете сигурни дека вие ги имате постигнато резултатите и (веројатно) ќе бидете позадоволни.

Извор: The Verge, Petapixel, Kickstarter

Претходна статијаGoogle Chrome ќе ги блокира рекламите кои не се по стандарди од 2018
Следна статијаGalaxy Note FE сепак ќе се продава со висока цена?