Камерите кои може да ги носите на телото со цел да снимате додека сте активни не се ништо ново, всушност, GoPro е дел од животите на многу луѓе. Сепак, идеите за нов тип на камери не престануваат и компанијата Ubiquiti Network има нов модел наречен FrontRow, кој се носи околу вратот и кој според нив е воедно и моден додаток.

Она што сепак е најинтересно кај оваа камера, особено за помладата популација, е што видеата што ќе ги сними ќе може директно да ги сподели на најпопуларните социјални и видео мрежи. Таа е способна дури и да направи “timelapse” видео од сѐ што ви се случува во текот на денот, а има и вграден дисплеј со големина од 1,96 инчи и резолуција од 640х572 пиксели, на кој може да се прегледуваат видеата и најдобрите да се споделат на интернет.

Уредот интересно има и предна и задна камера – првата има 5 мегапиксели, додека втората има 8 мегапиксели. Уредот има простор од 32 GB и батерија која трае до 2 часа во стриминг, односно 16 часа при правење на timelapse видеа. Вградениот процесор е Snapdragon 625, додека во уредот е вградена и верзија на Android оперативниот систем, што го прави FrontRow своевиден премин од паметен часовник кон паметен телефон.

Ова е дефинитивно една интересна камера, особено што признавам дека добро ќе изгледа доколку ја носите околу вратот (има изработка од метал и стакло), но нејзината цена изнесува високи 400 долари, што е повеќе од камерите на GoPro со исти перформанси.

Настрана одличниот дизајн, FrontRow може да снима само Full HD видео со 30 слики во секунда, што и не е особено добар податок и реално не може да се користи како акциона камера. Сепак, ова дефинитивно нема да им пречи на оние кои ќе го купат за тоа колку е кул како продукт.

Извор: Business Insider, Engadget, The Verge

Претходна статијаGoogle Pixel 2 ќе има стислива рамка како HTC U11?
Следна статијаПретставен Nokia 8 – телефон од високата класа со акцент на Dual-Sight можноста за сликање со двете камери во исто време