Целосно безжичните Bluetooth слушалки се веќе неколку години на пазарот, но нив вистински ги популаризираше Apple со своите AirPods. Сепак, тоа не значи дека тие се најдобри на пазарот, а доказ за тоа се Bragi Dash Pro, кои имаат „мал милион“ функционалности и можности, но и кои чинат исклучително високи 349 долари, односно дури 499 долари ако сакате слушалки кои ќе бидат специјално направени за вашите уши, со цел поголема удобност во слушањето музика.

Но, што е тоа што ги прави овие слушалку подобри од AirPods, па и од секое други такви слушалки на пазарот? Како прво, тие имаат цел компјутер во нив и специјален оперативен систем наречен Bragi OS 3.0, кој не само што може да контролира најразлични гестови со главата и рацете, туку има и вграден простор од 4 GB, на кој ќе може да ставите MP3-ки. Ова значи дека на нив ќе може да слушате музика дури и без да ги приклучите на вашиот смартфон.

Нормално, сега помисливте зошто би ставиле музика на вашите слушалки, кога смартфонот е секогаш со вас? Па, еве една причина – смартфонот веројатно никогаш не го носите на пливање, а Bragi Dash Pro се целосно водоотпорни слушалки со кои без проблем ќе може да пливате. И не само тоа – тие можат да ги следат сите фитнес активности, како отчукувањата на срцето и респираторниот капацитет.

Понатаму, благодарение на мноштвото сензори и оперативниот систем, за да ги контролирате песните преку Bragi Dash Pro ќе биде доволно само да ја мрднете главата – нема да ви бидат потребни ниту рацете за тоа. Исто така, во слушалките има вградено дигитален асистент кој кога зборува создава аудио виртуелно 4D мени, кое вие можете да го контролирате само со движење на главата.

Bragi Dash Pro дури можат и да го зголемат надворешниот звук, со цел да сте повеќе свесни за околината, на пример кога возите велосипед по градските улици, а истите микрофони може да ги искористи и за намалување на надворешниот шум. Тие имаат траење на батеријата од 5 часа, но „лулката“ во која се носат може да ги наполни уште 5 пати, што значи дека со едно полнење дома имате ефективни 25 часа користење, што не е лошо за слушалки со цел компјутер во нив.

Сите овие карактеристики дефинитивно ги ставаат Bragi Dash Pro на посебно место на пазарот, но тоа најмногу го прави цената – 349 се премногу за Bluetooth слушалки, макар биле и со толку функционалности како Dash Pro.

Извор: CNET, Tech Spot, Bragi

Претходна статијаЗапознајте ги финските emoji на Weekend Media Festival во Ровињ
Следна статијаНовиот Surface Pro ќе биде само освежување на актуелниот модел, ќе биде претставен на 23 мај