Веројатно поради проблеми со синхронизација на звукот на двете слушалки, Apple ги одложи лансирањето на Airpods – тие требаше да се продаваат уште во октомври. Сега сепак Airpods се конечно достапни за нарачка, а првите примероци во САД ќе пристигнат кон крајот на месецов. Кај нас веројатно ќе ги видиме после Нова Година.

Сепак, прашањето е дали овие слушалки вредат за 160 долари? Тоа е исклучително висока цена, која обично се плаќа за премиум, аудиофилски аудио продукти. Со оглед на тоа дека според сите што ги слушнаа, тие звучат скоро исто како обичните слушалки кои доаѓаат со iPhone, тие мора да имаат нешто друго кое ќе ги дистанцира од конкуренцијата.

Тоа е W1 чипот кој се наоѓа во нив. Со овој чип, слушалките многу полесно ќе се поврзуваат со вашиот iPhone и ќе чувствуваат кога се близу до нив, а и конекцијата ќе биде многу помоќна. Apple ветува и подолго траење на батеријата, но Airpods можат да издржат само 5 часа со едно полнење – многу помалку од некои од конкурентите.

Нивна предност е сепак што може да се полнат преку футролата во која се носат, која може да ги наполни до 5 пати, што го продолжува траењето на батеријата надвор од електричната мрежа. Сепак, на нив нема да може да слушате музика кога се во футролата, а немаат ниту помошен кабел доколку им недостасува енергија во батеријата – многу слушалки имаат таква можност.

Дали сето ова ја прави цената оправдана? Секако дека не – ваквите „геџети“ на Apple отсекогаш биле поскапи од тие на конкуренцијата. Доколку сакате Bluetooth слушалки за во уво со квалитетен звук, сигурен сум дека можете да потрошите до три пати помалку и да бидете задоволни од производот. Сепак, факт е дека тие не би го имале кул ефектот на Airpods – дизајнот на Apple повторно игра огромна улога.

Извор: Forbes, MacRumors, The Verge

Претходна статијаКако започнаа Anonymous и во што прераснаа
Следна статијаШто не очекува во 2017 на полето на соларната и обновливата енергија