Beats е дефинитивно најпопуларниот производител на слушалки во светот и тоа нема да се промени, особено откако компанијата беше купена од Apple. На тоа сигурно ќе помогнат и новите Beats Studio 3 Bluetooth слушалки, кои имаат конкурентна цена на понудите во премиум класата на модели со активно поништување на бучавата.

Активно поништување на бучавата е прилично стара технологија, која со репродуцирање на „обратен“ звук од оној од околината, овозможува скоро и да не ја слушате бучавата одоколу со цел повеќе да уживате само во музиката. Така, со овие слушалки ќе ви биде перфектно тивко кога ќе патувате во авион или автобус, односно ќе шетате низ градскиот метеж, дури и ако немате пуштено музика на нив.

Сепак, ваквата технологија не функционира подеднакво исто кај сите брендови – Bose и Sony се најдобри во бизнисот и ќе биде добро да се види како ќе се снајдат новите Studio 3 на Beats. Производителот во своја одбрана се фали дека нивниот систем прави 50.000 промени во секунда, со цел најдобро да го анулира звукот од околината.

Како и да е, слушалките на Beats имаат и други адути во ракавот, како Apple W1 чип кој овозможува комуникација со Siri, како и лесно поврзување на слушалките со iPhone само со доближување до него. Преку слушалките ќе можете и целосно да ја контролирате музиката од вашиот телефон, а тие имаат и батерија која трае 22 часа со едно полнење. Кога ќе се испразни батеријата пак тие можат да се поврзат и со стандарден 3,5 mm кабел, кој (многу интересно) не постои на последните iPhone-и.

Цената на Beats Studio 3 изнесува 350 долари во САД, што е исто како на главните конкуренти од Bose и Sony. Слушалките доаѓаат во неколку бои и имаат дизајн кој не е променет веќе трета генерација, што не значи дека не се допадливи и нема да привлечат погледи од околината.

Извор: Mac Rumors, Engadget, Wired

Претходна статијаПутин: Иднината на светот ѝ припаѓа на AI технологијата
Следна статијаSamsung Galaxy J7 Plus има двојна камера, солидни спецификации и достапна цена