Последниве две до три години не видовме скоро ниту една поголема иновација од Apple или пак некој нов производ, настрана од Apple Watch. Тоа наскоро би можело да се смени, доколку може да им се верува на информациите кои велат дека тие развиваат нови очила за проширена реалност, исти како Google Glass (на фотографијата) кои беа претставени пред три години.

Имено, Bloomberg извести дека од извори блиски до Apple дознал дека тие набавиле мала количина на микро дисплеи за гледање одблизу, кои се користат во очилата како Google Glass. Ова засега значи дека тие работат на ваков уред, затоа и набавиле помала количина. Доколку одлучат да го лансираат, уредот би пристигнал на пазарот во 2018 година.

Најавите велат дека очилата на Apple нема да донесат ништо вистински ново, односно ќе имаат слични можности како Google Glass. Да потсетиме, очилата на Google можеа да прикажуваат слики во просторот, да покажуваат дирекции од навигацијата, временска прогноза, пораки итн. Google Glass беа контролирани преку гласовни команди, што ќе биде веројатно и начинот на кој ќе се комуницира со очилата на Apple.

Очилата секако ќе се поврзуваат со iPhone и ќе ја користат процесорската моќ на смартфонот за сите функции. Се уште не може со сигурност да се каже, но мала е веројатноста очилата да имаат можност за прикажување на 3D холограми во просторот како што може Microsoft HoloLens.

Извор: Bloomberg, Mac Rumors, Engadget

Претходна статијаGoogle и Facebook со мерки против сајтовите со лажни вести
Следна статијаБесплатен вебсајт за новите компании со Вебстриан