Многу уреди денес ги нарекуваме паметни, но досега уште немаше дефинитивен доказ дека тоа е навистина така. Сепак, еве еден случај кој не само што го потврдува епитетот паметни, туку дава нова димензија на овие уреди која не ја замислувавме досега.

Имено, паметен звучник го спасил животот на една девојка, која била нападната од својот дечко во случај на семејно насилство.

Дечкото ја нападнал девојката во нивниот дом во Тијерас, Ново Мексико. Расправијата завршила со вперен пиштол кон девојката, која во тој момент била во опасност да го загуби животот. Сепак, нејзиниот дечко (Едуардо Барош) во еден момент ја прашал „дали ги повика шерифите“, што паметниот звучник го сфатил како наредба за да го повика „шерифот“, односно бројот 911, кој во САД се користи за итни случаи.

Според канцеларијата на Шерифот, овој повик бил сфатен сериозно и на терен била пратена полиција заедно со специјални сили и преговарачи, кои мирно го наговориле насилникот да ги пушти во тој момент своите заложници (тука била присутна и ќерката на девојката). Властите во САД надополнија дека ова е многу неочекуван случај, но во кој скоро сигурно бил спасен животот на оваа девојка.

Според информациите, звучникот кој ги повикал властите е Amazon Alexa (иако претходно беше најавено дека е Google Home), кој е убедливо најпродаван паметен звучник во САД.

Извор: Mashable (1) (2), Engadget, Gizmodo

Претходна статијаЈубилеен собир на креативно слободно време во Ровињ од 21 до 24 септември
Следна статијаUbuntu достапен за симнување преку Windows Store