Apple веќе неколку неколку години по ред не покажува особена креативност кога се работи за иновативноста во изработката на персоналните компјутери. Стариот, добар MacBook Air веќе не се произведува. Новите MacBook Pro, освен што ја имаат новата опција наречена Touch Bar, разочараа многумина со хардверските спецификации и подлежат на многу критики, особено поради фактот што имаат само USB-C приклучоци, а веќе и заборавивме кога последен пат некој спомна нешто за Mac Pro.

Во меѓувреме, Chromebook-овите земаат залет, а Microsoft покажаа повторно дека знаат да бидат иновативни, особено откако Satya Nadella застана на чело на компанијата.

Но, доколку ги тргнеме на страна хардверските спецификации и иновативноста која ја нуди Apple во последно време, има нешто со што ги прави најдобри, а тоа е корисничката поддршка.

Според истражувањето на laptopmag.com за најдобра корисничка поддршка, Apple е далеку подобар од конкуренцијата, односно е најбрза и најуслужлива компанија кога се во прашање корисниците, подобри од било кој конкурент.

Рангирањето е направено според вистинско истражување на новинарите на Laptop Mag. Новинарите ги испробуваат директно услугите на корисничката поддршка, како текстуална или гласовна комуникација со техничко лице од најголемите произведувачи на лаптопи. Потоа, резултатите се добиваат според тоа колкава е брзината, каков е квалитето на добиената информација и љубезноста на корисничката поддршка.

Apple победи на тестот со одличен резултат, односно 93 од можни 100 поени, со време на чекање на телефонски повик од само 6 минути. Laptop Mag објави дека Apple ја нудат најдобрата корисничка поддршка веќе неколку години по ред, без конкуренција.

Веб страната на компанијата и мобилната апликација се полни со многу корисни, чекор по чекор упатства и сеедно дали ќе го контактирате преку текстуален разговор во живо или пак по телефон, техничките лица ќе го разберат брзо Вашиот проблем, ќе настапат љубезно и ќе се обидат на секој можен начин да го решат проблемот. Исто така, Apple брзо и точно одговара и преку корисничката сметка на Twitter, која е за поддршка на корисници.

Единствената поплака што ја имаа новинарите од Laptop Mag е недостатокот на познавање на новите функции што ги имаат производите на Apple од страна на лицата за корисничка поддршка. Тоа е и очекувано, особено поради фактот што техничките лица вработени во корисничката поддршка, мора да знаат не само за хардверот туку и за софтверот.

Компанијата Acer, која долго време имаше репутација како компанија која нуди најлоша корисничка поддршка, всушност е на второ место оваа година, со резултат од 88 од можни 100 поени. Lenovo и Microsoft се следни на листата, додека пак Asus, Samsung и MSI се на дното на листата со најлош резултат.

Можеби Apple ги нема најдобрите хардверски спецификации во последно време, но сигурно ја има најдобрата и најбрзата корисничка поддршка. Можеби и тоа е една од причините поради која сè уште е еден од најголемите и најпопуларните произведувачи на компјутери во светот.

Сепак, чувството кога ќе ги контактирате Apple и ќе се чувствувате посебно и кога ќе го добиете саканото решение ќе Ве натера да останете верен корисник на производите на Apple.

Претходна статијаMotorola случајно го покажа новиот Moto Z – ќе има „џојстик модул“
Следна статијаVolkswagen претстави нов и интересен беспилотен концепт