До пред само десетина години, за широки монитори се сметаа оние со сооднос на страните од 16:9, а споредено со класичните 5:4 и 4:3 монитори. Денес, со цел да им се понуди на гејмерите уште подобро визуелно искуство, има монитори со сооднос 21:9, кои можат многу повеќе да ве внесат во играта.

Сепак, од Samsung мислат дека не е доволно – нивниот нов, мега голем 49 инчен монитор има сооднос на страните од 32:9.

За да имате претстава колку е широко ова, треба да ставите два монитори со сооднос 16:9 еден до друг. Замислете сега колку широк би бил ваков монитор и колку простор би земал на вашата маса.

Неговата резолуција пак изнесува 3840х1080 пиксели, што и не е толку импресивно за дисплеј со големина од 49 инчи, бидејќи вертикалната резолуција останува Full HD и само се зголемува хоризонталната. Очекувајте да гледате многу пиксели, освен ако не се одлучите за помалите 27 и 30 инчни модели.

Самите дисплеи инаку се со Quantum Dot технологија, односно таканаречените QLED. Оваа технологија овозможува многу подлабоки и поживи бои, како и поголем контраст, но не очекувајте квалитет на сликата како на OLED дисплеј, иако имаат HDR поддршка.

Мониторите поддржуваат и AMD Radeon FreeSync 2 технологија, која овозможува супер мазна слика без сецкање доколку имате AMD графика во вашиот компјутер. Од друга страна, овие модели немаат поддршка за Nvidia G-Sync, но дури и да имате графика од Nvidia, сигурно ќе ви помогне освежувањето на дисплејот од 144 Hz.

Доколку сакате да го имате овој монитор и сте убедени дека ви треба толку широк дисплеј, неговото целосно име е Samsung CHG90. Цената секако нема да биде ниска – ќе изнесува околу 1.500 долари во САД, што за многу гејмери е повеќе и од цената на целиот компјутер. Помалите модели ќе чинат 700 долари за 32 инчниот, односно 600 долари за 27 инчниот.

Извор: Venture Beat, PC Gamer, Forbes

Претходна статијаСкици од iPhone 8 и iPhone 7 S Plus ни откриваат уште детали за овие телефони
Следна статијаWindows 10 Preview build 16215 донесува голем број на новини кои ќе ги видиме во есенската надградба