Русите дефинитивно сакаат да станат независни од Западот кога е компјутерската технологија во прашање. По најавата дека ќе развијат своја платформа за пораки и чет, пандан на Skype, тие сега ги претставија и првите компјутери со целосно руски процесори, за кои веќе пишувавме и кои освен ако не живеете во Русија, не би ви препорачале да ги вградите во вашиот компјутер или пак некој иден систем што го планирате.

Зошто е тоа така? Едноставно е – тие премногу заостануваат зад модерната конкуренција на Intel и AMD, бидејќи се изработени со транзистори со големина од 20 nm, кои Intel ги користеше пред повеќе од 5 години. Исто така, процесорот ELbrus-8S веќе беше измерен на неколку бенчмарк тестови и покажа помалку од задоволителни резултати, иако има 8 јадра, што е повеќе од многу процесори на Intel. Веројатно не треба да се кажува, но ова не е процесор кој треба да ве возбуди, исто како што и Лада не е автомобил кој треба да ве возбуди.

Компјутерот во кој е вграден овој процесор пак се вика Elbrus 801-PC. Неговата предност е што на него може да се инсталираат x86 десктоп апликации и програми, но веројатно ќе биде тешко да најдете драјвери доколку сакате да инсталирате Windows. На него прединсталиран доаѓа Elbrus OS, кој колку и да сакаат Русите да го пофалат, е само една Linux дистрибуција.

Од друга страна, Ruselectronics, компанијата која стои зад дизајнот на овие чипови, вели дека се тие супер безбедни, иако не нагласува како го постигнуваат тоа, што повеќе личи на маркетинг.

Овој компјутер не очекувајте дека ќе можете да го најдете во продавниците кај нас – тој ќе остане да се продава веројатно само на рускиот пазар, каде продажбата веројатно ќе почне во втората половина на оваа година.

Извор: The Next Web, Sputnik International

Претходна статијаChrome Home овозможува пристап до нов изглед на Chrome на Android
Следна статијаApple спрема посебен чип за iPhone кој ќе овозможи „вештачка интелигенција“