Денешните графички картички од високата класа се способни за гејминг со многу повеќе од 60 слики во секунда, што се смета како долна граница за мазно играње. Сепак, многу монитори работат на максимум 60 Hz, па тоа што графичкиот чип може да извади повеќе од 60 fps и не значи многу, бидејќи самиот монитор нема да може да ги прикаже.

За среќа, има неколку монитори на пазарот кои имаат многу побрзо освежување, како на пример новиот Alienware 25 гејмерски монитор со големина од 24,5 инчи, кој е всушност и прв на компанијата.

Негова носечка спецификација е освежувањето од 240 Hz, кое ќе овозможи мега мазно движење во играта, секако се додека графичкиот чип е способен за толку многу слики во секунда. Во ова помага резолуцијата од само 1920х1080 пиксели, во која со Nvidia GTX 1080 Ti скоро сите понови игри може да се играат со преку 200 fps.

Покрај тоа, мониторот ќе доаѓа во две верзии, со Nvidia G-Sync и AMD FreeSync, зависно од тоа каква графика имате. Оваа технологија го изедначува освежувањето на дисплејот со тоа колку слики во секунда праќа графичката картичка, за да нема сецкања.

Толку брзото освежување на дисплејот може да помогне во компетитивно играње, кога на играчите секоја милисекунда им е важна, но веројатно е скоро непотребно за домашните играчи. Покрај сето ова, Alienware 25 има и реакција од 1 милисекунда, што значи дека секој потег со маусот и тастатурата веднаш ќе биде пренесен во она што го гледате на мониторот.

Цената на Alienware 25 ќе биде прилично висока како за Full HD монитор – AMD FreeSync моделот ќе чини 499 долари, додека Nvidia G-Sync моделот ќе чини дури 699 долари. Сепак, за гејмери кои „го заработуваат парчето леб“ од играњето игри, ова е еден од најдобрите монитори на пазарот.

Покрај мониторот, Aleinware претстави и два нови мауси (49 и 89 долари), кои имаат брзина од фантастични 5.000, односно 12.000 dpi и 13 програмабилни копчиња, како и две нови гејмерски тастатури (89 и 119 долари) со KaiHua Brown механички копчиња.

Извор: TechRadar, The Verge, Engadget

Претходна статијаАмериканската војска поддржува целосно нов, супер безбеден дизајн на процесор
Следна статијаAlienware Area 51 е футуристички десктоп со процесор со максимум 16 јадра