GTX780Ti

Nvidia објави дека од утре ги намалува цените на GTX 770 и GTX 780 графичките карти и ја најави достапноста на GTX 780 Ti која беше претставена минатата недела. Ова доаѓа како одговор на новата R9 200 серија од страна на AMD.

GTX 770 која досега се продаваше за 400$ доби нова цена од 330$, додека GTX 780 ќе се продава за 500$ наместо досегашните 650$. Новата GTX 780 Ti која ќе биде достапна од 7-ми Ноември ќе има почетна цена од 700$.

Сеуште не се познати сите детали околу спецификациите на новата карта. Она што се претпоставува е дека ќе биде базирана на GK110 чипот, исто како TITAN и GTX 780 картите. Со оглед на тоа дека R9 290X е во најголем дел од случаите еднаква или побрза од TITAN, се очекува дека со GTX 780 Ti Nvidia ќе цели кон враќање на круната.

Најдобар начин да го постигне ова е доколку Nvidia го имплементира целосниот GK110 чип со сите 15 SMX единици. Како за споредба TITAN има пристап до 14, додека GTX 780 до 12 SMX единици.

Сепак, ова е малку веројатно бидејќи таквите карти би биле достапни во многу ограничени количини. Другата можност е картата да има 13 или 14 SMX единици но да доаѓа со повисоки работни фреквенции од своите претходници.

Некои од шпекулациите тврдат и дека GTX 780 Ti би можела да биде базирана на новиот GK180 чип кој за првпат се појави во неофицијален Nvidia слајд на почетокот од месецов како Tesla K40 (Atlas).

Претходна статијаViewSonic ја најави втората генерација на паметни дисплеи
Следна статијаWindows 1.01 достапен во вашиот интернет прелистувач