Surface Pro 4 е дефинитивно најпопуларниот хибрид на таблет и лаптоп на пазарот и веројатно затоа Microsoft мисли дека не се потребни преголеми промени за тој да издржи уште некое време, додека не биде претставен целосно нов модел.

Според информациите протечени од секогаш точниот Evan Blass на твитер, новиот Surface Pro ќе биде претставен на 23 мај и веќе нема да има бројка во името, но нема да има ниту поголеми промени.

Најголем напредок ќе биде постигнат кај перформансите и ефикасноста, бидејќи ќе бидат вградени најновите Kaby Lake чипови на Intel, кои се прилично голем скок од две генерации постарите чипови во Surface Pro 4. Благодарение на нив, очекувајте и подолго траење на вградената батерија, чиј капацитет не би требало да биде променет, барем не премногу.

Од друга страна, дисплејот ќе има иста големина и иста рамка околу него. Всушност, целиот дизајн на уредот ќе биде ист како на претходникот, со таа разлика што Microsoft ќе понуди нови бои на дополнителните тастатури, истите оние од Surface Laptop.

Овие промени би требало да го направат новиот Surface Pro повеќе компетитивен на пазарот, но има неколку функционалности кои според протечените информации нема да ги има, а кои веќе ги имаат скоро сите конкуренти. Тука особено мислам на USB Type-C приклучокот, кој иако во моментов не е толку широко распространет, се очекува целосно да го замени досегашниот USB Type-A стандард во наредните неколку години. А бидејќи Surface Pro е уред кој се купува за да се користи неколку години, убаво ќе беше Microsoft да вгради еден таков во него, особено што тој овозможува многу повеќе од само поврзување на надворешна меморија (на него може да се поврзе дури и графичка картичка доколку има Thunderbolt 3).

Извор: The Verge, Venture Beat, Tech Radar

Претходна статијаBragi Dash Pro се безжични Bluetooth слушалки, кои можете да ги контролирате само со мрдање на главата
Следна статијаApple ќе го прекине развојот на iPad mini моделот