Една од најголемите новости која ја слушнавме уште од лансирањето на Windows 10 како сервис и оперативен систем, е можноста тој и сите придружни x86 и x64 програми (оние кои ги симнувате и инсталирате од интернет) да работат на ARM чипови. Да потсетам, ARM чипови се оние кои се вградуваат во нашите паметни телефони и таблети и тие се многу поштедливи во однос на Intel-овите процесори за компјутерите, а во последниве неколку години скоро подеднакво моќни.

Сега, Microsoft не потсети дека тие сѐ уште работат на Windows 10 кој ќе работи на ARM, поточно на Snapdragon 835, комбинација која ќе биде понудена на купувачите до крајот на оваа година. Ова е голем чекор за Windows 10, кој би можел не само да ги доближи лаптопите и таблет/лаптопите со овој оперативен систем до оние со Mac OS кога е во прашање траењето на батеријата, туку и целосно да ги надмине.

Поточно, Пит Бернард, кој е програм менаџер во Microsoft, најави дека траењето на батеријата на лаптопите и таблет/лаптопите со Snapdragon 835 ги надминално дури и нивните очекувања. Тој дополни дека овие уреди ќе имаат доволно батерија за да не мора да понесете полнач дури и ако одите некаде на викенд, односно неколку денови не го приклучите лаптопот на струја.

Доколку е ова вистина, би можело драматично да го промени начинот на кој ги користиме овие уреди, секако се додека тие навистина функционираат добро со ARM чипови. Имено, тие користат специјален емулатор од Microsoft, кој ќе прави промени во кодот на програмата со цел таа да може да работи на таков хардвер.

Сепак, самото тоа што Microsoft подолго време е посветен на Windows 10 на ARM и што дури на почетокот на годинава имаше работен прототип, на кој покажаа дека може да се работи на Photoshop, јас мислам дека овие лаптопи ќе бидат работата која конечно ќе го издигне Windows 10 на пиедесталот кој го заслужува.

Извор: Mac Rumors, The Verge, PC Mag

Претходна статијаConsumer Reports: Galaxy S7 е подобар избор за смартфон од iPhone 8?
Следна статијаСамсунг ја зголеми мобилноста за глобалната работна сила со збогатениот Галакси Таб Актив2