Скоро секоја нова верзија на Windows 10, Microsoft ја одбележува со нов уред од Surface линијата. Овој пат, полесната верзија на Windows 10 со наставка “S” е претставена со нов Surface лаптоп, кој за прв пат за еден продукт од оваа моделска линија е класичен лаптоп со дисплеј на допир, без некои дополнителни функционалности.

Сепак, тука очигледно Microsoft има покажано сѐ што знае. Лаптопот има исклучителна изработка од алуминиум и е супер тенок (9,9 mm напред, 14,47 mm назад), а притоа доаѓа со Core i5 и Core i7 процесори и тоа помоќните верзии, кои бараат дополнително ладење. Под тастатурата, подлогата е изработена од алкантара, што значи дека тука пишувањето на неа ќе биде многу поудобно и полуксузно. Исто така, звучниците се вградени директно во самата тастатура, како не би го расипале чистиот и минималистички дизајн. Дефинитивно, Microsoft одел до перверзни граници за да се осигура дека овој уред ќе има вистински премиум дизајн.

Дисплејот на овој „убавец“ има големина од 13,5 инчи, исто како кај Surface Book и сооднос на страните од 3:2. Ова е малку повисок дисплеј од оној на класичните лаптопи (16:9), што е одлично за оние кои лаптопот го користат за работење – широките дисплеи се добри само за игри и филмови. Екранот е PixelSense и има вкупно 3,4 милиони пиксели (2256 x 1504), а е специјално подесен за да прикажува реални бои и висок контраст. Нормално, сите модели доаѓаат со дисплеј на допир.

Сепак, Surface Laptop има и неколку недостатоци – опремен е само со еен USB 3.0 приклучок и mini DisplayPort, а нема USB Type-C приклучок.

Перформансите со сигурност ќе бидат високи. Како што спомнав погоре, во Surface Laptop се вградени помоќните верзии на Core i5 и Core i7 процесорите, помогнати од 4, 8 или 16 GB рам меморија и 128, 256, 512 GB или 1 TB супер брзи SSD дискови.

Од Microsoft, стандардно го споредија лаптопот со конкурентите на Apple, назначувајќи дека Core i5 моделот е за 50% побрз од Core i7 MacBook Air. И сето ова во лаптоп со батерија која може да издржи 14,5 часа со едно полнење, исто така повеќе од MacBook конкуренцијата. Импресивно.

Surface Laptop ќе се испорачува исклучиво со Windows 10 S оперативниот систем, што значи дека на него ќе може да се инсталираат само апликации од Windows Store.

Сепак, за оние кои сакаат целосно Windows искуство, можат да доплатат 49 долари за надградба на Windows 10 Pro и да го направат овој лаптоп вистинска преносна машина.

Цената на Surface Laptop изнесува 999 долари за основниот модел со Core i5 процесор, 4 GB рам и 128 GB SSD диск, што е во рамките на очекуваното за толку тенок лаптоп со премиум изработка, високи перформанси и долго траење на батеријата (ќе биде достапен во четири бои: Платинеста, Бургунди Црвена, Кобалт Сина и Графитно Златна). Очекувајте да се продава во големи бројќи.

Извор: The Verge, Engadget, Windows Central, Windows Blog

Претходна статијаOnePlus 5 најавен од извршниот директор на компанијата
Следна статијаJelly е најмалиот 4G смартфон во светот – има дисплеј од само 2,45 инчи