Surface дивизијата на Microsoft е позната по тоа што уредите на кои сме навикнале досега, ги прави малку поразлични со хардверски иновации, но и софтвер кој може да ги придружи, во случајов Windows 10. Затоа, оваа информација лично ја примам со мала задршка, иако ќе ви ја пренесам во целост.

Имено, наредниот месец треба да бидат претставени новите Surface Pro 5 и Surface Book 2 уреди. Како и досега, информациите за нив се многу сиромашни, освен некои ситни претпоставки. Сепак, според DigiTimes, новиот Surface Book 2 веќе нема да биде „2 во 1“ уред, туку ќе биде најнормален Windows 10 лаптоп. Благодарение на ова, тој би имал и пониска цена и би бил поконкурентен на MacBook лаптопите.

Иако DigiTimes досега има погодено неколку работи од светот на Microsoft, има и доволно згрешено за оваа информација да биде малку веројатна. Surface линијата, колку и да му носи на Microsoft профит (а вкупно е само мал дел од компанијата), е познат по иновациите, перформансите и премиум цените. Поради тоа што токму со ваквиот пристап и успеаја на пазарот, воопшто не мислам дека сега е време за промени.

Она што може сепак да се случи е Surface Book 2 да има „шарка“ која ќе дозволи свртување на дисплејот за 360 степени, како кај Yoga лаптопите на Lenovo. На овој начин Surface Book 2 би ги задржал таблет можностите, но би имал и покласичен лаптоп дизајн. Поточно, таблет можноста ќе биде повеќе како екстра, а не главна функционалност.

Како и да е, јас своите коментари би ги задржал додека Microsoft вистински не ги лансира двата уреди, бидејќи како и досега може да се случи да бидеме длабоко изненадени.

Извор: DigiTimes, The Verge, NDTV

Фото: The Verge

Претходна статијаНајдобри апликации за слабеење за iPhone
Следна статијаСамостојните уреди за виртуелна реалност на “Qualcomm” пристигнуваат во втората половина на 2017