Еден од најголемите производители на компјутери и лаптопи во светот, плус еден од најголемите производители на гејмерски надворешни компоненти во светот (од неодамна и лаптопи) е еднакво на најдобрите гејмерски компјутери? Тоа е идејата на Lenovo и Razer.
Ваквите соработки очекувајте да зачестат во иднина – се потешко е за еден производител да ги одржува гејмерските линии со свој капитал, бидејќи продажбата продолжува да паѓа. Затоа, за да се задоволат потребите на веројатно најпребирливите купувачи, гејмерите, Lenovo и Razer се новите играчи кои ќе се обидат заедно да освојат поголемо парче од пазарот (засега одлично функционираат Alienware и Dell).
Во почеток, првиот десктоп компјутер ќе биде само ребрендиран од Lenovo во Razer. Имено, Lenovo веќе има гејмерски машини во понудата, но да бидеме реални, никој од Вас не помислил на Lenovo кога сакал да купи ваков компјутер, макар бил и со високи перформанси.
Ставањето на Razer логото на него и менувањето на боите би требалo автоматски да привлече повеќе купувачи (на насловната фотографија е моделот на Razer, кој има цел спектар на RGB бои, додека подолу е претходникот на Lenovo во црвена боја).
За вградените компоненти нема прецизни информации, но како и секоја гејмерска машина, според досегашното искуство, изборот ќе биде голем: Intel и AMD процесори и Nvidia и AMD графички, со неколку различни производители на матични плочи.
Но, немаше да ја напишеме оваа статија доколку беше за само еден компјутер со сменети LED диоди. Lenovo и Razer планираат да ја прошират соработката во иднина, со цел производство на подобри гејмерски компјутери. Сепак, оставаме на времето да покаже колку навистина ќе се случи тоа.
Извор: The Next Web, Engadget, The Verge