Intel ги претстави помоќните десктоп и лаптоп верзии на Kaby Lake процесорите

Напишано на 04.01.2017 - 13:20 од Иво Гиевски

Најголемиот производител на чипови за десктоп и лаптоп компјутери, неодамна ја претстави новата Kaby Lake архитектура, но само верзиите наменети за тенките ултрабук лаптопи. Сега тие ги претставија и моќните верзии за десктоп компјутерите и „гејмерските“ лаптопи и според она што може да се види, сите кои имаат барем една од последните три генерации на Intel чипови, не треба воопшто да размислуваат за надградба.

Причината за ова е што перформансите се само делумно подобрени и разликата веројатно ќе биде многу тешко да се забележи – Kaby Lake сепак се базира на транзистори од 14 nm, исто како и претходникот Skylake. Како пример за ова, Intel тврди дека нивниот нов Core i7-7700K десктоп процесор кој работи на 4,2 GHz со “boost” на 4,5 GHz е 25% побрз од Core i7-4770K. Ова не е мало подобрување, но i7-4770K е процесор од пред три генерации, односно од Haswell архитектурата, што значи дека во споредба со Broadwell и Skylake разликата ќе биде уште помала.

Голем дел од подобрувањата во овие чипови се оптимизациите – тие ќе трошат најмалку енергија од сите Intel чипови досега, а ќе бидат оптимизирани и за нов 4K видео, односно за спојување на 4K видео во виртуелна верзија од 360 степени, што тие ќе го прават за 35% побрзо од Haswell архитектурата. Повторно, не преголемо подобрување.

Кај HQ лаптоп Kaby lake верзиите пак подобрувањето во овој дел е 65% во однос на Haswell генерацијата, што е прилично голем скок, но пак ќе повторам – недоволно за да го замените својот Haswell лаптоп за нов со Kaby Lake, освен ако не се бавите со сериозен софтвер за видео преработка. Како и да е, очекувајте овие HQ процесори да се најдат во многу гејмерски лаптопи годинава, но и во лаптопи насочени токму кон оние кои се бават со 3D рендерирања и видео преработка.

За гејмерите со поплиток џеб многу интересен ќе биде Core i3-7350K чипот, кој е отклучен, што Intel го прави за прв пат во оваа класа. Ова значи дека корисникот ќе може да направи “overclock” за да извади подобри перформанси во игрите, за цена од само 168 долари, споредено со 339 долари за погоре споменатиот Core i7-7700K. Всушност, поради тоа што во најновите игри графичките чипови го носат најголемиот товар, компјутер со Core i3-7350K би можел да биде идеален избор.

Најголем новитет кај Kaby Lake процесорите ќе биде Optane Memory, кој овозможува вградување на M.2 меморија директно на матичните плочи, со цел да се забрза работата на HDD дисковите. Повторно, ова е одлична вест за гејмерите, кои обично се потпираат на HDD дискови поради поголемиот капацитет, но останува да видиме како ќе функционира во пракса.

Ова сепак не треба да биде причина за да направите нова десктоп конфигурација, особено ако имате Haswell чип или понов – подобрувањата кај новите процесори на Intel се за жал се помали. Секако, за оние кои за прв пат прават гејмерска машина или пак имаат многу стар компјутер, Kaby Lake процесорите ќе бидат најдобар избор, но само ако се одлучите за Intel. Лично, би почекал да излезат новите Ryzen процесори на AMD на пазарот, кои ветуваат компаративно слични перформанси за пониски цени.

Извор: Engadget, Windows Central, ARS Technica

За Авторот

Пасиониран возач на спортски автомобили и длабоко навлезен во светот на автомобилизмот. Редовно ги следи последните случувања во квантната и астрофизиката, а е заљубен во универзумот. Не може да одолее на секое подобро парче хардвер што ќе излезе на пазарот и тогаш обично е залепен за мониторот, читајќи ги сите спецификации и новитети. Контакт: [email protected]