Кинескиот производител не само што стана голем играч на смартфон сцената, туку вистински им дише во врат на Samsung и Apple. Сега истото сака да го направи во лаптоп светот со MateBook X, импресивен лаптоп со извонредна изработка, кој потсетува подеднакво на Apple MacBook и Microsoft Surface Laptop и кој има (неочекувано) висока цена.

MateBook X е исклучително тенок лаптоп – има дебелина од само 12,5 mm. Сепак, тоа не ја кажува целата приказна – рамката околу 13 инчниот дисплеј е само 4,4 mm, што ги намалува и целосните димензии на овој лаптоп, а тежината, пардон „леснината“ изнесува само 1,05 kg. Екранот има сооднос на страните од 3:2, што го прави покорисен за сурфање и работење со документи, а има одлична резолуција од 2160х1440 пиксели. За жал, дисплејот нема опција за допир, нешто што е прилично голем недостаток меѓу Windows 10 лаптопите.

Во внатрешноста се вградени солидни компоненти. Корисникот може да избере меѓу Core i5 и Core i7 процесор од најновата Kaby Lake генерација на Intel, 4 или 8 GB рам (тука можеле да бидат подарежливи) и супер брзи SSD дискови од 256 и 512 GB. Батеријата трае 10 часа со едно полнење (мерено со константен плејбек на 1080p видео), што е солиден резултат, иако во оваа класа веќе има подобри лаптопи кога е во прашање траењето на батеријата.

MateBook X е опремен со многу слаб избор на порти – има само две USB Type-C. Huawei вклучува адаптер во самото пакување, кој има USB Type-A порта, DVI, HDMI и уште една USB-C порта, но адаптер никогаш не е вистинско решение. На позитивната страна, копчето за палење на лаптопот има вграден читач за отпечатоци и може веднаш да ве најави со Windows Hello (работи и со повеќе корисници), а звучниците имаат Dolby Atmos технологија за поквалитетно аудио.

Најголема пречка за успех на MateBook X на пазарот сепак веројатно ќе биде цената, која почнува од 1.399 евра, што е прилично многу за лаптоп со Huawei лого под дисплејот и дисплеј кој нема допир. Windows 10 конкуренцијата веќе има поевтини и во многу делови супериорни лаптопи, па останува да видиме како Huawei ќе се снајде на оваа сцена.

Извор: Engadget, Tech Radar, Huawei

Претходна статијаViber на десктоп овозможи гледање на YouTube видеа директно од апликацијата
Следна статијаGoogle Jamboard е бела табла за цртање со Cloud можности