Идејата за целосен компјутер кој буквално ќе може да го ставите во вашиот џеб (се додека имате поголеми џебови, секако), не е воопшто нова и изминативе 10-тина години концептот на 10 инчните “Notebook” компјутери беше доста популарен. Во меѓувреме, таблетите ги убија тие мали лаптопи, но нов уред наречен GPD Pocket има друга идеја – дополнително да ги намали димензиите – неговиот дисплеј има 7 инчи!

Ова е големина на најмалите таблети и е перфектно добра за оние кои сакаат да го носат секаде со себе. GPD Pocket е опремен со целосен Windows 10 или Ubuntu оперативен систем, кои би требало да изгледаат одлично на дисплејот, бидејќи тој има солидна Full HD резолуција. Процесорот Intel x7 Atom со четири јадра на 1,6 GHz, помогнат од здрави 8 GB рам меморија и солидни 128 GB простор.

Интересно, ѝ покрај тоа што овој компјутер има Atom процесор, има активно ладење. Според креаторите, ова ќе овозможи високи перформанси многу подолго отколку конкуренцијата со овој чип, која има само пасивно ладење за процесорот. GPD Pocket е опремен и со тастатура со прилично солидна големина, а во средината на неа има и мал “TrackPoint”, ист како ThinkPad лаптопите на Lenovo, кој е замена за маус или тачпад.

GPD Pocket има и прилично добар сет на приклучоци – USB 3.0, USB Type-C и HDMI излез, што е повеќе од многу лаптопи денес. Неговата цена изнесува 399 долари (409 со USB Type-C адаптер со неколку приклучоци) и засега е Indiegogo кампања. Лично ми се допаѓа овој концепт на мал уред кој може да го носите насекаде со себе, иако тастатурата сигурно не е за сериозна работа. Сепак, недостатокот на дисплеј на допир може да биде ограничување за многумина.

Како и да е, овој уред според мене е многу добра најава за тоа што Microsoft планира со Surface Phone, кој ќе има можност за повици, но скоро сигурно ќе има и други можности, како на пример користење како таблет и/или лаптоп.

Извор: Windows Central, Slash Gear, Indiegogo

Претходна статијаНов робот на MIT може да ги „чита мислите“ на луѓето
Следна статијаНово видео од Galaxy S8 – веќе знаеме (скоро) се за новиот знаменосец на Samsung