Досега безжично полнење на нашите паметни и преносни уреди беше повеќе „контактно полнење“. Поточно смартфоните кои го поддржуваа, мораше да ги легнете на некаков тип на безжичен полнач за да можат да се наполнат.

Сепак, Dell е првиот производител кој во својот Latitude 7285 таблет/лаптоп вградува нов тип на безжично полнење, кај кое нема да мора да го ставите вашиот лаптоп прецизно на некој тип на полнач во долниот дел, односно уредот ќе може да се полни и од далечина.

Технологијата која овозможува вакво полнење се вика WiTricity и истата работи со магнетна резонанца, која овозможува полнење на малку поголеми далечини и преку различни материјали. Поточно, таблетот со тастатурата сега нема да мора прецизно да ги поставите на долниот дел кој е задолжен за полнење, што дава многу слобода при користењето на овој уред на вашата маса.

Самиот уред е исто така прилично моќен – опремен е со Core i5 и Core i7 процесор, 8 или 16 GB рам и SSD дискови со капацитет од 128 или 256. Дисплејот има големина од 12 инчи и прилично висока резолуција од 2880х1920 пиксели.

Уредот ќе биде достапен во неколку опции, односно со обична дополнителна тастатура, со тастатура со дополнителна батерија (250 долари) и тастатура која поддржува безжично полнење и која чини високи 380 долари. Исто така, за да можете да имате безжично полнење, треба да доплатите 580 долари за подлогата која го овозможува тоа.

Цената на самиот таблет/лаптоп почнува од 1.200 долари, што и не е толку многу. Сепак, доколку сакате вистински опремен Dell Latitude 7285 , со сите негови адути, цената лесно ќе стигне до околу 2.000 долари, што е веројатно премногу, особено само за да имате можност за безжично полнење на вашиот лаптоп.

Извор: The Verge, The Register, ZDNet

Претходна статијаThorne Wallet паметниот паричник достапен во продажба од 17 јули
Следна статијаПрв рендер од Google Pixel XL покажува смартфон со издолжен дисплеј и многу мала рамка